За шест месеци симна 64 килограми и почна нов живот – Скопјанецот Небојша Антиќ со интервенција во Турција го реши проблемот со дебелината – ММС
ММС

Објавено на: 01/8/21 12:57 PM

За шест месеци симна 64 килограми и почна нов живот – Скопјанецот Небојша Антиќ со интервенција во Турција го реши проблемот со дебелината

Во јуни имав 162 килограми, а сега имам 98 и ќе одам до 80, вели скопјанецот Небојша Антиќ, кој заради своето здравје и изглед замина во Истанбул на хируршка интервенција, по која животот со ихраната ја почна како бебе. Тој за ММС ја раскажа својата приказна за дебелината и сега, по шест месеци, по симнати 64 килограми се чуди како можел да живее таков живот.

-Во јуни ми пукна филмот и реков ќе дадам 4.000 евра и ќе одам во Истанбул да се средам. Зошто овие пари да ги трошам по ресторани и кафулиња, кога можам да направам нешто за себе. И така и се случи. Се јавив во болницата за кога да отидам и со првиот лет што го пуштија, поради забраната од корона, јас заминав а Истанбул. Се е организирано, те пречекуваат на аеродром, те сместуваат, ти ги прават сите потребни испитувања и веќе следниот ден во 17 часот се случи интервенцијата. Јас не одев на варијанта подврзување, вметнување прстен, туку на друга метода, ми отстранија скоро 80 проценти од желудникот.  Во 23 часот  веќе почнав да шетам низ болницата. Утредента ме отпуштија, со напомена да се шетам низ Истанбул, за секој случај за да видат како се чувствувам и следното утро си се вратив дома, вели Небојша и додава:

 

– Од следниот ден почнав нов живот. Ако не ти рече некој да јадеш не ти текнува за храна. Од држење разни диети до измачување и без резултати почнуваш планско јадење. Почнуваш како бебе, со кашички и потоа полека полека се префрлаш на нормална храна. Земаш протеини,  кои те држат. Внесуваш определено дневна доза. Сега, после шест месеци почнав да јадам ориз, чорба со стек. Пржената храна сосема ја исфрлив од конзумирање. Целата фора е голтка по голтка. На храна гледаш како на ништо. Немаш афинитет, немаш апетит. Чудно е многу. Претходно си  имал желба за сендвичи, за алкохол, а сега ни алкохол не пиеш. Не дека има некој проблем, но ме советуваа првите неколку месеци да не пијам, вели Небојша.

Според него по интервенцијата почнуваш математички да го учиш телото да функционира. Многумина би помислиле дека е тешко, но според него, тој не чувствува ниту тешкотија ниту проблем, напротив пресреќен е што сега може да прави се што претходно не можел и многу повеќе си се сака себе си.

-Си броиш протеини. Зеленчукот е тешко да го јадеш, но си вариш вода од коска, од овошје и полека полека влегуваш во штос. Почнав со кашички, потоа потребната храна ја ставав во блендер и сега веќе полека полека се враќам во нормала. Ова ми е најпаметната инвестиција што сум ја направил, бидејќи и вака и така тие пари ќе завршеа  по кафеани и кафулиња, објасни тој.

Небојша вели дека интервенцијата на желудникот е хит во Турција и ова го правеле луѓе кои имале по 90 килограми а не над сто килограми, во која категорија спажал и тој.

– Воопшто не ми беше страв, не ни размислував. Многу е важно како претходно си се чувствувал. Мене се ме болеше, се заморував многу брзо,  а сега се чувствувам лесен како пердув, леташ. Пешачам, немам никакви проблеми. Еден сосема нов живот. Порано кафани и јадење, а сега пешачење и вежбање. Глупо би било да не слабееш, немаш причина да го измачуваш организмот кога можеш да му ослесниш и нему и себе си.  Сега почнав полека алкохол да пијам, вино со вода, па почнав по малку месо. Не треба да се преоптеретува желудникот.  Одам на контроли и презадоволни се иако ме опоменаа дека пребргу слабеам. Потребно е нон стоп да го држиш процентот на протеин високо за да не ти се обеси кожата. Да топиш сало а не мускулна маса. Има улога и генетика и каква ти е кожата, но јас таков проблем немам, вели тој.

 

Небојша објасни дека првите денови обично слабеат по 10 кила, но тој ослабел повеќе. Првите три дена откако го пуштиле од болница веќе имал симнато на над седум килограми.

-Сега правам се и се ми е подобрено. Кондиција имам, не ме боли глава, не спијам попладне па потоа да не знам како се викам. Сите проблеми кои ги носи дебелината веќе ги немам. Има три методи, а јас се одлучив на втората, желудникот го сечат, го лепат и го затвараат. Многу од Македонија одат само што не кажуваат. А не гледам причина зошто вакво нешто да се крие, ако мене ми е убаво и сум се преродил, зошто да не помогнам и на другите, кои се чувствуваат како јас што се чувствував пред јуни, додава Небојша.