Нов простор добија дневната болница и салата за киретажа на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.
– Изминатите месеци интензивно работевме за да се опреми и оспособи една нова дневна болница во рамките на Клиниката за гинекологија и акушерство со оглед на тоа што сега Клиниката е и ковид – центар и навистина се намали просторот кој беше на располагање. Сега имаме современо опремен мини центар за изведување на мали интервенции. Тука се изведуваат абортусите со целосно опремени нови кревети, дневна болница која ќе биде на располагање на сите пациенти на кои им е потребна оваа интервенција. Центарот е опремен и со два гинеколошки стола, две машини за анестезија и значајно се зголемува капацитетот – изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој посочи дека со директорката на Клиниката, Викторија Јовановска разговарале и за промена на системот кој веќе година дена функционира после промена на Законот во смисла на либерализација на целокупната постапка на абортус при што волјата на жената ја ставиле на прво место.
Многу е симплицифиран целиот тој процес – посочи Филипче и додаде дека нема повеќе чекање од три дена туку веднаш се спроведуваат постапките согласно новата измена на Законот и во последните два месецa првпат на Клиниката после соодветната набавка и медикаментозниот абортус посебно кај жените во пораните фази на бременоста.
– Разговаравме и за плановите за 2021 година. Еднаш најавивме, но тој план се одложи поради ковид кризата, а тоа е роботската Да Винчи хирургија. Во периодот кој е пред нас ја почнуваме постапката да се набави овој современ хирушки апарат – роботска хирургија каква што досега немало во земјата и ќе се користи најмногу од експертите од областа на гинекологијата и од специјалистите уролози со што значајно се зголемува квалитетот на здравствената услуга во еден сегмент кој досега го немало во нашата земја, додаде Филипче.
Директорката на Клиниката, Јовановска рече дека секојдневно се справуваат со затекнатите состојби во таа јавна здравствена установа.
– Просторно немавме можности во адекватни услови да се изведуваат киретажите и абортусите на Клиниката. Успеавме да преадаптираме простор во кој ќе се изведуваат киретажите и пациентите ќе имаат адекватни услови и третман, додаде д-р Јовановска.
МИА