Димитров: Да се фокусираме на средување на сопствениот двор – ММС
ММС

Објавено на: 01/7/21 1:22 PM

Димитров: Да се фокусираме на средување на сопствениот двор

Нашиот пат кон Европската Унија е многу тежок, тесен и многу стрмен. Процесот е во криза, проширувањето е во криза и мислам дека неуспехот на Европската Унија да ја спроведе сопствената одлука испрати негативен сигнал за еден регион што е опкружен географски од земји-членки на Европската Унија.
Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во новогодишното интервју за МИА, во кое разговаравме и за бугарската блокада, европеизацијата дома, интерпелацијата за него поднесена од страна на опозицијата, за капацитетите и подготвеноста за процесот на преговори…
Вицепремиерот Димитров вели дека оваа битка не е само битка за македонскиот идентитет, туку е битка и за европскиот идентитет.
„Ако Европската Унија е заедница на вредности, меѓу кои клучните се богатството на различностите, кулурни и јазични, на народите во Европа, тогаш оваа битка е битка на самата Европска Унија. Јас сум убеден дека ние овие три цели коишто се целосно заедно компатибилни, мора да ги успееме истовремено. Да почнеме пристапни преговори, да го зачуваме и промовираме македонскиот идентитет и македонскиот јазик и да градиме пријателски односи со нашиот сосед Бугарија“, подвлече Димитров за МИА.

На прашањето дали очекува напредок во разговорите со Бугарија по завршувањето на изборите кај нив што се предвидени да се одржат во март, Димитров вели дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања.

-Дел од бугарските политички сили можеби сакаат ова прашање и да го користат во кампањата. И не мислам дека ќе си помогнеме ако влеземе во таа приказна. Јас мислам дека е време малку да одмориме од овој проблем и практично од Бугарија. Мислам дека е време, енергијата, времето што не ни е бесконечно, тоа ни е ограничено да го инвестираме во средување на сопствениот двор. Тоа не значи дека треба да ги прекинеме разговорите со Бугарија, немаме од што да бегаме, кажавме јасни позиции и сме кристално чисти, меѓутоа мислам дека фокусот треба да биде дома, дециден е Димитров.

Додава дека штом завршат изборите да бидеме подготвени да влеземе во тој процес, да ги убедиме, вели, дека тоа што Бугарија го направи кога таа беше претседавач со ЕУ го врати проширувањето на листата на приоритети на Европската Унија, не соодвествува со ова што сега ни го прави.

Димитров истакнува дека Германија направила се што можела за да се одржи првата меѓувладина конференција со земјава до крајот на минатата година.

„Германија даде се што можеше. За жал Европската Унија по ова прашање функционира така што ако нема доволно консензус, доволно е една земја да спречи донесување на одлука. Меѓутоа, многу е важно што другите за тоа мислат. Ние се обидовме и мислам дека успеавме да издржиме иако не беше лесно, имаше многу искушенија, да имаме возрасна политика, да зборуваме со европски јазик, со јазикот на вредностите и принципите, и мислам дека е многу важно што нашата позиција беше разбрана, прифатена и поддржана од сите останати земји-членки“, вели вицепремиерот Димитров во празничното интервју за МИА.