Митрополит г. Јосиф: Христовото раѓање е празник кој повторно ја буди изгубената надеж кај човечкиот род – ММС
ММС

Објавено на: 01/6/21 10:31 AM

Митрополит г. Јосиф: Христовото раѓање е празник кој повторно ја буди изгубената надеж кај човечкиот род

Митрополит г. Јосиф испрати пригодно обраќање до верниците во тетовско-гостиварската епархија по повод еден од најзначајните празници во православната црква Раѓањето на Исус Христос-Божиќ. Тој како надлежен архиереј честитајќи го празникот посака добро здравје, духовен спокој и мир за верниците како и желби за конечна победа над присутната пандемија.

– Сите ние сме сведоци дека овогодинешното Раѓање на нашиот Бог и Спасител ќе го празнуваме во тешки денови, но да не очајуваме, бидејќи витлеемската ѕвезда доаѓа повторно да го осветли нашиот живот, да нѐ посети на единствената празнична вистина, а тоа е дека Христос се роди и дека Бог го испрати спасението на народот свој. Христовото раѓање е празник, кој повторно ја буди изгубената надеж кај човечкиот род, надежта на спасението – посочува во обраќањето владиката од Тетово.

Митрополитот г. Јосиф ги потсетува на потребата за верба кон Бога во тешки времиња како сега.

– Празнувајќи го тој прв празник меѓу празниците, да не дозволиме нашето внимание да го одземе световната агонија од застрашувачкото и несигурно утре, туку нашите очи да ги насочиме кон незалезната светлина на Рождеството Христово, кон Раѓањето кое на светот му го донесе Семето на вечниот живот и начелото на идниот век, посочува митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф.

 

Фото: tge.mk

МИА