„Ние имаме капацитет за организирање на оваа сложена операција, го проверивме на избори, парламентарни и локални во Штип и Пласница, кои се одржаа. Самата операција е полесна од делот на операцијата за избори. Тука го нема кампањирањето, а со тоа е намален и човечкиот контакт. Анкетарите се обучуваат, протоколите постојат, целата операција е безбедна и организирана според стандардите на Евростат“, рече Заев во врска со анкетирањето, кое ќе треба да се спроведе, можеби и во ковид услови.
Истовремено, во гостувањето на „Сител“ вечерва тој посочи дека не треба да се бојкотира пописот и не треба опозицијата да се заканува, со оглед на тоа што пописот е обврска на граѓаните.
„И ние треба да се попишеме заради тоа што тоа е наша законска обврска. При попишувањето сите имаме обврска да ги дадеме вистинските податоци кои се бараат од нас. Пописот не се прави на политичките партии или политичарите, туку се прави на граѓаните и треба да го спроведеме како што треба. Со дигитализацијата и достапноста на дата базите, лесно ќе се проверуваат информациите кои граѓаните ги даваат и ќе се комплетира сликата“, рече Заев додавајќи дека пописот се планира од 1 до 21 април, на територијата на целата држава.
Заев истакна дека иако е добро да се има и отпечаток од прст, сепак така нема да можат да се попишат иселените лица, кои се попишуваат како нерезидентни граѓани, а и децата кои се попишуваат немаат регистрирано кај институциите отпечаток од прст.
„Но, правиме напори внатре, притоа преку внатрешната контрола на МВР на граничните премини имаме секогаш за секого дали е овде во државата или бил повеќе од една година надвор од државата“, рече Заев, кој истакна дека пописот се прави на резидентите, кои живеат во државата и иселените лица, а притоа е ирелевантен етичкиот предзнак.
На прашањето дали податоците од пописот ќе влијаат на процентот на лица на вработени во државната администрација премиерот Заев рече:
„Секако дека нема да влијаат, заради тоа што имаме Закон за рамноправна застапеност на сите и тој ја штити застапеноста по етничка основа. За нас веќе е важно граѓаните да бидат застапени оние соодветни по квалификации и образование“.
Премиерот Заев во гостувањето на „Сител“ истакна дека оваа Влада продолжува со европеизацијата на земјата, како и дека продолжува да работи на надминување на спорот со Бугарија.
„Ветивме меѓу другото редовни избори. Доста се веќе предвремени избори. Постојано секоја година да имаме предвремени избори, нема причина“, наведе премиерот Заев и дополни тоа не е изговор за предвремени избори.
Премиерот Заев посочи дека во нашата парламентарна историја постоеле Влади поддржани и од 80 пратеници, а имале проблеми во функционирањето.
Воедно претседателот на Владата нагласи дека и доколку се одржат избори тоа нема многу да ги смени нештата, бидејќи повторно би освоиле мнозинство гласови со оглед на тоа дека изборите се случија изминатото лето, а анкетите покажуваат предност на коалицијата пред опозицијата.
„Само ќе и потрошиме на државата нови шест месеци. Штети врз економија во време кога очекуваме нов економски рестарт. Затоа нема да одиме на предвремени избори“, нагласи Заев.