Бракот го прават малите изненадувања-Отворено со Бојана Скендеровски за музиката, мајчинството и љубовта – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/21 7:00 PM

Бракот го прават малите изненадувања-Отворено со Бојана Скендеровски за музиката, мајчинството и љубовта

По подолга пауза на македонската музичка сцена со нова песна се враќа и познатата пејачка Бојана Скендеровски или Атанасовска, како што ја знаевме на времето. Овој пат со нешто сосема друго, со „Круна“, песна, за која таа вели дека не и било лесно да ја избере. За оваа песна таа снимаше спот, во кој покрај Бојана се појавуваат и нејзините деца, ќеркичката Искра и синчето Ѓорѓи. Бојана за ММС отворено проговори не само за музиката, туку и за семејството и улогата на мајка и за формулата за успешен брак.

-Кога на моите најблиски им кажав дека името на песната е „Круна“, нормално првото прашање беше од каде името и какво значење има. Круна на мојот живот се токму моите две деца и поради тоа симболично со Николче го одбравме тоа име за песната.

Крајот на годината на професионален план го заокружи со нова песна „ Круна”. Кој беше мотивот да се активираш на сцената во период кога таа е во најголема криза поради пандемијата со корона вирусот?

-Оваа година е навистина тешка за сите нас, за сите дејности. Но, песната “Круна” е песна која си дојде спонтано баш оваа година, таа се случи и затоа го занемарив фактот на случувањата околу мене, затоа што дури пет години немам ништо ново на музички план. Едноставно чекав да ми се случи убава песна. Николче Мицевски и јас долго време се договаравме за заедничка соработка и еден ден добив повик да чујам нешто за мене. И да. Тоа беше моја песна дефинитивно. Можеби оправдано отсуствував на музички план, бев преокупирана со моите два мали ангела,станав мајка, две бремености една по друга, го работев проектот „Улица Македонија“ и навистина беше невозможно се наеднаш.

Што ја обележа годинава на приватен план?

-Растење на Искра и Ѓорѓи, многу убави заеднички моменти, зближување уште повеќеи сплотување како семејство. Кога си родител на две многу малечки дечиња, кои се комплетно зависни од родителите и сте затворени во карантин, навистина мора да сте многу креативни и забавни. Ги научивме сите детски песнички со Васко, имаме баш долг репертоар, глумиме заедно со нив улоги кои тие двајца ги замислиле, малку спиеме, но сме среќни во таа атмосфера.

Како се подготвувавте за Нова Година, како децата реагираа на новогодишната атмосфера во домот?

-Домот насекаде светка. Голема елка, многу Дедо Мразовци, црвени машни. Искра е потеатрална и реагира воодушевено, Ѓорѓи е малку поинаков. Среќен е, но не така бурно. Доволно е што елката се уште не е срушена и ние сме задоволни.  Нова Година ја славевме дома, со стандардниот протокол на јадења за овој ден, сарми, руска и слично. Подготвивме караоке и многу жижици а Дедо Мраз донесе под елката подароци според желбите на Искра, кукла со розева коса,зошто таа била женско, а за Ѓорѓи донесе Супермен дека тој бил машко.

Кои се твоите сеќавања од дете поврзани со новогодишните празници?

-Ги паметам овие денови како среќни, кога имав 12-13 години со другарките одевме на тезгите за Нова година кои беа поставувани во центарот на градот и купувавме касети со музика, се уште ја чувам касетата од првиот албум на Мараја Кери…

Како кај вас изгледа божикната трпеза, кој ја подготвува?

– Правиме бадникова трпеза традиционално, така ќе биде и годинава. Јас го месам лепчето и секоја година сум се’ подобра и подобра. Принесуваме се’ што е ред за посна вечера, а правам и посна алва.

Која семејна традиција со овие празници сакаш да им ја пренесеш на децата?

-Дека домот е светост, да внесуваат позитивна енергија во него, да си го прават така животот посреќен, да се радуваат што можат да бидат заедно сплотени, да си подаруваат љубов и внимание во тие денови, да свети нивниот дом и нивните срца.

Колку сопругот ти помага во извршувањето на домашните работи? Дали ги имате поделено работите?

-Многу ми помага. Ние сите обврски дома ги извршуваме сами, помош немаме од никого и многу добро сме организирани. Секој бања едно дете, па рани по едно дете, тој ги изнесува на воздух дур ги завршам јас домашните обврски. Навистина е секогаш до мене околу сите обврски околу децата.

Има ли формула за успешен брак? Што е најважно?

-За успешен брак најважно е взаемно разбирање и почитување на мегусебните карактери и интереси. Негување на љубовта, внимание, без разлика дали се работи и за подарување на најобични ситници и мали изненадувања.

Кој е построг, а кој попустлив родител?

-Јас сум дефинитивно построга, тој секогаш ми го пореметува редот.

Иако се сеуште мали, кое од децата ја сака музиката, поточно забележуваш дека е музикален?

-Искра е дефинитивно мој ген, сака да игра, глуми, пее, сака да биде во центарот на вниманието, но се уште е многу мала за да знаеме што точно сака.

Што посакуваш да ти донесе 2021 на професионален, а што на приватен план? Кои се твоите планови?

Сакам да ми донесе уште две нови убави песни, сакам да ми донесе нов интересен телевизиски проект, во нашата продукција да продуцираме многу нови интересни проекти. На приватен план да сме живи и здрави и нашите деца да се среќни со се што правиме за нив.