Екипи на Јавното претпријатие ,,Македонија пат” и во текот на вечерните часови ќе продолжат со расчистување на одроните кои денеска интензивно паѓаа на регионалниот патен правец Делчево – Македонска Каменица. Согласно последната информација на Влатко Цоневски, раководител на подружницата на ,,Македонија пат” од Делчево, најголем проблем засега прават одроните кај месноста ,,Боришјето” кои ќе се расчистуваат до рано утрото.
-Ги известуваме возачите кои сообраќаат на патниот правец Делчево – Македонска Каменица, дека во моментот кај месноста викана ,,Боришјето” има поголем одрон, при што е зафатена половина од коловозната лента во правец Делчево – Макеонска Каменица. Пред местото каде се наоѓа одронот, поставена е соодветна сообраќајна сигнализација, поради што апелираат возачите да ја почитуваат истата, информираше Цоневски.
До целосно расчистување на одронот, кој се очекува до раните утрински часови, апелираше до возачите на внимателно при возење.
Раководителот на делчевската подружница на ЈП ,,Македонија пат”, воедно додаде дека во текот на денешниот ден, во два наврата интервенирале во расчистување на паднати карпи кај месностите во близина на таканаречената Црна Точка и Баткова Чешма. Поради дождот, кој непрекинато паѓа сообраќајот по оваа делница и понатаму се одвива по влажни коловози.
МИА