Замижете само за миг и ќе ја разберете потребата од прсти кои читаат – Граѓаните со оштетен вид бараат материјали во пристапни формати – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/21 1:51 PM

Замижете само за миг и ќе ја разберете потребата од прсти кои читаат – Граѓаните со оштетен вид бараат материјали во пристапни формати

Да се изработат материјали во пристапни формати за лица со оштетен вид – бара Националниот сојуз на слепи, кој денеска се приклучи кон одбележувањето на Меѓународниот ден на Брајовото (Релјефно) писмо.

Упатуваме апел до надлежните власти за ратификација и имплементација на Меѓународниот Маракешки договор склучен во Мароко во 2013 година, кој на слепите лица им го дава основното човеково право – правото да читаат. Во овој сегмент сакаме да ја искажеме важноста од хармонизација на законот за авторското и сродните права со светските трендови во поглед на издавањето на аудио и браеви материјали за лица со оштетен вид, но и на електронски книги за лицата кои не можат да држат стандардна книга односно лица без горни екстремитети.

Правото на читање и правото на пристап до информации во пристапен формат е основно човеково право. Браевото писмо е единствено 6то точкасто писмо за лица со оштетен вид – посочуваат од Националниот сојуз на слепи.

Од Сојузот истакнуваат дека секоја година во свое издание, но и во издание на Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков” од Велес издаваат значителен број примероци на Браево писмо и во аудио формат.

Опфатени се сите лектирни изданија, понатаму задолжителна школска литература во основното и во средното образование, повеќенаменски списанија итн…Нашата мисија не завршува тука…Се’ дури има парче хартија кое не е испишано во пристапен формат нашата цел на постоење е оправдана. При издавачко информативниот центар на Националниот сојуз на слепи и при Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков” од Велес функционираат единствените во земјава светилници на описменувањето на лицата со оштетен вид на Брајово писмо. Само за миг врзете си ги очите, замижете и пробајте да прочитате книга, списание, документ…, дури тогаш ќе ја разберете потребата од прстите кои читаат – додаваат од Националниот сојуз на слепи.