И утрово земјотрес кај Петриња – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/21 9:09 AM

И утрово земјотрес кај Петриња

Во Хрватска утрово во 07:49 часот е регистриран нов земјотрес со епицентар кај Петриња, а јачината на потресот е 4,2 степени по Рихтер – објави Сеизмолошката служба на Хрватска. Земјотресот се почувствува во централниот дел на државата, но и во дел од Босна и Херцеговина.

Земјотресот се случи за време на емисијата „U mreži Prvog” каде телефонски гостуваше заменик-градоначалничката на Глина, Бранка Бакшиќ Митиќ.

Таа прва го почувствува земјотресот.

„Еве го повторно“, извика таа, по што земјотресот се почувствува во студиото во Загреб.

Претходно утрово, во 04:20 часот е регистриран земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала во областа на Петриња.

Помош пристигна од Турција, четири камиони со 480 шатори

Инаку, доцна синоќа од Турција во Хрватска пристигнаа четири камиони со 480 шатори, како помош за најзагрозените од земјотресите на подрачјето на Петриња.

Турција донираше грејачи, ќебиња, околу сто контејнери и речиси 500 шатори.

Пред два дена пристигна комбе со 272 грејачи за да им помогне на семејствата погодени од неодамнешниот силен земјотрес.

 

 

Фото:  Twitter /  TV N1 Zagreb  (архива 29.12.2020)

Извор:  rtv.rs