Турмуш за МИА: Северна Македонија на креативен начин го употреби НИКС за менаџирање на пандемијата – ММС
ММС

Објавено на: 01/2/21 7:59 PM

Турмуш за МИА: Северна Македонија на креативен начин го употреби НИКС за менаџирање на пандемијата

Северна Македонија на креативен начин го насочи Системот за управување со инциденти на следната генерација (Next-Generation Incident Command System) или скратено НИКС за менаџирање на пандемијата на Ковид-19.

Ова за МИА го истакна водечкиот офицер за овој проект во НАТО, д-р Ејуп Кунтај Турмуш, кој напомена дека НИКС овозможува споделување ажурирани податоци во реално време помеѓу професионалците во полето на управување со кризи.

-Северна Македонија на креативен начин ја пренамени информациската соба на НИКС за да ги следи ресурсите на располагање на локациите на Црвениот крст низ земјата и ги испраќа информациите низ целата земја преку веб-страницата, изјави Турмуш за МИА.

Најголемиот дел околу софтверот, кој во земјава дојде во 2016 година, а од 2019 година со владина одлука стана задолжителна алатка за сите институции што се вклучени во системот за управување со кризи, досега е завршен, а покрај тимот којшто функционира во ЦУК, вклучени се и млади научници од Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, Факултетот за информатички науки, како и претставници од Воената академија, со кои се работи на нови можности или нови апликации коишто ќе бидат ставени во НИКС.

Социјалните медиуми не постоеле во базичниот софтвер, нашите научници ги вградиле во него, а како што појасни за МИА Урим Вејсели од Центарот за управување со кризи станува збор за можност социјалните медиуми во зафатеното подрачје од непогоди да бидат мапирани на карта.

– Вториот дел е многу покомплексен, станува збор за вештачка интелигенција со цел софтверот да овозможи и да покаже кои се вистинити, а кои се лажни, во тој дел за да не се трошат ресурсите, т. е. праќање единици за спасување во тој дел, појаснува Вејсели.

Вториот момент на којшто работат македонските експерти е decision support system, односно нова апликација, која ќе им овозможи на претставници во Главниот штаб и тие што го раководат, како што е директорот на ЦУК, да имаат софтверска помош во процесот на донесување одлуки.

– Тие работат и се во завршна фаза, јас верувам дека некаде до март ќе бидат и имплементирани и интегрирани во НИКС-системот, појаснува Вејсели.

Првиот дел од сторијата може да го прочитате на следниот линк, а утре ќе биде објавен вториот дел во кој ќе стане збор за капацитетите на македонските институции за примена на НИКС-системот, обуките, кои досега се спроведени, за плановите за конечно воведување едниствен број за итни повици 112.

 

 

Фото:

Youtube