Хронологија на Ковид-19: Од „мистериозно заболување“ до глобална епидемија – ММС
ММС

Објавено на: 01/2/21 12:17 PM

Хронологија на Ковид-19: Од „мистериозно заболување“ до глобална епидемија

Светот за епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) за првпат дозна кога Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека „мистериозно респираторно заболување од непознато потекло“ се појавило во градот Вухан, во провинцијата Хубеи на 31 декември 2019 година, пишува aгенцијата Анадолија (АА).

На почетокот „епидемијата“ (локална или регионална) ја погоди Кина и нејзината околина, подоцна ги ​​надмина границите и се претвори во „пандемија“ (глобална епидемија), којашто го загрози јавното здравје низ светот.

Светот низ целата година се фокусираше на настаните поврзани со вирусот, додека за контрола на епидемијата тие настани станаа главна агенда на сите земји.

Болеста за првпат беше забележана кај луѓе кои го посетиле пазарот за морска храна во Вухан, кинеската провинција Хубеи.

Првиот пациент со жалба за „респираторна болест“, чија причина не беше позната, беше хоспитализиран на 17 ноември минатата година. Потоа се дозна дека нов непознат вирус предизвикал воспаление на белите дробови.

Додека вирусот во следните месеци продолжи да се шири од Вухан во другите градови на Кина, светот долго време не знаеше за тоа ширење.

– Тврдење дека официјалните лица во Вухан го криеле постоењето на вирусот –

Весникот „Њујорк тајмс“ (New York Times), врз основа на извештајот подготвен од Министерството за јавна безбедност на САД, на 20 август напиша дека „водачите на Кинеската комунистичка партија во градот Вухан каде што се појави епидемијата, ги криеле раните знаци на ширење на вирусот од централната Влада“.

Во веста се тврди дека властите во Вухан избегнувале да даваат информации до централната Влада, сметајќи дека тоа може да ја наруши програмата на локалниот состанок на Кинеската комунистичка партија во градот Вухан планирана за почетокот на јануари.

Затоа властите во Пекинг итноста на ситуацијата можеа да ја дознаат во средината на јануари.

Централната Влада на 23 јануари донесе забрана за влегување и излегување од градот Вухан кој има 11 милиони жители, но не спречи милиони Кинези да патуваат низ целата земја за новогодишниот празник што започна на 24 јануари.

– Се покажа дека трага од вирусот е пронајдена во декември во САД –

Истражувачите од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) откриле антитела произведени против Ковид-19 во донациите на крв собирани од Американскиот црвен крст од 13 декември до 17 јануари во девет држави.

Слични откритија, дека болеста започнала да се шири во декември, имаше и во Франција и Италија.

– „Нов вид коронавирус“ –

Светската здравствена организација (СЗО) на 7 јануари објави дека мистериозната болест е предизвикана од „нов вид коронавирус“.

Овој коронавирус, за кој се смета дека е мутирана верзија на бета-коронавирусот кај лилјаците, го доби името „2019-nCov“.

Првиот случај надвор од Кина регистриран е на 13 јануари. Новиот вид коронавирус е откриен кај женско лице во Тајланд. На 16 јануари беше откриено дека едно лице во Јапонија дојдено од Вухан го има коронавирусот. Во САД првиот случај беше регистриран на 21 јануари.

Вирусот се прошири во многу земји преку патници. Во следните денови, луѓето со новиот вид коронавирус беа третирани во Хонгконг, Тајван, Сингапур, Јужна Кореја, Австралија, Малезија, Виетнам и Непал.

Почнаа да се појавуваат и првите случаи во Европа. На 24 јануари во Франција беше детектиран коронавирусот кај две лица кои дошле од Кина и кај еден од нивните роднини.

СЗО на 30 јануари прогласи „глобална вонредна состојба“ поради Ковид-19, а на 11 февруари објави дека новиот тип коронавирус е наречен „Ковид-19“.

– Епидемии во Јужна Кореја, Иран и Италија –

Ковид-19 првично започна да се шири во Кина и околните земји. Во Јужна Кореја на 22 февруари детектирани беа 229 случаи со Ковид-19.

На Блискиот Исток, Иран, а во Европа, Италија стана „распространета област на вирусот надвор од Азија“. Во Иран првото починато лице е регистрирано на 19 февруари.

На 21 февруари, во регионот на Ломбардија во Италија за првпат беше регистриран локален пренос на вирусот. Градот Милано, кој е дом на голема текстилна индустрија и место каде што интензивно работат кинески сезонски работници, придонесе вирусот да се шири во областа.

– Мерки за карантин –

Откако епидемијата доби глобална димензија, многу земји презедоа мерки за намалување на масовното движење за да се запре ширењето на вирусот.

Главните мерки преземени за да се спречи ширењето на вирусот беа привремено затворање на местата каде што се движат луѓето, како што се училиштата и универзитетите, кафулињата, баровите, рестораните, забавните и трговските центри, библиотеките и местата за богослужба, а исто така се откажаа и јавните настани.

Се упати повик до граѓаните да останат дома, исто така им беше препорачано да избегнуваат физички контакт, да работат оддома доколку е можно наместо да одат во канцеларија. Јавните институции и приватните компании презедоа мерки во оваа насока.

Во земјите беа воведени полициски часови и мерки за карантин, како и ограничувања за превозот меѓу градовите и земјите.

– Економско тесно грло –

Голем број земји, од средината на март до почетокот на јуни спроведоа мерки како што е полицискиот час. Но, затворањето кое беше спроведено како мерка против ширењето на вирусот, доведе до нарушување на производството, трговијата и услугите, а тоа пак резултира со економски загуби.

Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (OECD), во вториот квартал од годината кој ги опфаќа месеците март, април и мај, 20-те најголеми економии во светот се намалиле за 9,1 процент во просек во споредба со истиот период од претходната година.

Во Кина, која го преживеа овој период со најмала штета, бруто-домашниот производ (БДП) порасна за 3,2 проценти, додека во Индија, која ја почувствува тежината на мерките за карантин, тој се намали за 23,5 проценти.

– Пролетните и летните месеци –

Статистиката на почетокот на мај покажа дека епицентарот на епидемијата во светот се САД и европските земји.

Според веб-страницата „Worldometers“, каде што се ажурираат податоците од земјите и регионите со Ковид-19, Европа и Северна Америка беа региони „далеку најмногу погодени од епидемијата“.

До почетокот на мај, околу 76 проценти од случаите низ светот и приближно 86 проценти од смртните случаи биле во Европа и Северна Америка. Од пациентите кои се лекувани од вирусот, 81 процент се наоѓале на овие два континента.

Во летото, вирусот почна да се шири во Јужна Америка, особено во Бразил, Индија и Русија.

Исто така, во текот на летните месеци, САД, Бразил, Индија и Мексико беа земјите во кои беа регистрирани најголем број смртни случаи од вирусот.

– Почетокот на есента и зимата –

Светот есенва влезе со период на зголемено влијание на Ковид-19.

На Северната хемисфера, со опаѓањето на температурата почнаа да се зголемуваат и сезонските грипови, а со тоа епидемијата доби нов интензитет.

За Индија септември беше најлошиот месец во однос на епидемијата на Ковид-19.

Дневниот број на случаи во земјата го надмина прагот од 90 илјади на 5 септември. Потоа, достигна 95.529 на 9 септември, 96.760 на 10 септември, 97.654 на 11 септември и 97.859 на 16 септември.

Исто така, есенва во САД и Бразил, кои беа најпогодени од епидемијата, бројот на случаи и смртни случаи од Ковид-19 повторно се зголеми.

Во зимските месеци, забележано е ново зголемување на бројот на случаи, особено со појавата на еден вид мутиран Ковид-19 кој се шири побрзо. Бројот на дневни случаи во светот го надмина прагот од 600.000 на 2 декември и 700.000 на 11 декември.

На крајот на 2020 година беа откриени 83,5 милиони случаи на Ковид-19 низ светот, додека повеќе од 1,8 милиони луѓе починаа поради вирусот.