Историјата не се укинува, ниту се менува со новиот концепт, вели владиниот портпарол – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/20 1:27 PM

Историјата не се укинува, ниту се менува со новиот концепт, вели владиниот портпарол

Предметот историја не се укинува. Новиот концепт ја дава рамката според која се планира основното образование и документот не брише содржини од наставните предмети, ниту, пак, предвидува менување на содржините од предметот историја, рече владиниот портпарол Душко Арсовски.

На новинарско прашање по редовната прес-конференција, тој одговори дека наставниот предмет историја останува задолжителен од интегрираната наставна програма по општествени науки и дека интегрираното изучување на историјата и географијата, како што рече, е карактеристично за најголемиот дел земји од развиениот свет и развиените образовни системи.

– Се предвидува интегрирање содржини од повеќе предмети. Со интегрирањето се овозможува изучување по теми. Концептот е само рамка којашто првично претставува како ќе изгледа реформата. Наставните програми ќе се прават откако ќе се донесе рамката. Ова е процес во кој се вклучуваат сите чинители, додаде портпаролот на Владата.