Штипскиот пожарникар од автобус веднаш замина на терен – короната не’ уништи, земјотресот не’ дотепа сведочат граѓаните – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/20 9:49 AM

Штипскиот пожарникар од автобус веднаш замина на терен – короната не’ уништи, земјотресот не’ дотепа сведочат граѓаните

Александар Ѓеоргиевски, пожарникар од Штип, цела ноќ помина во автобус на релација Скопје – Загреб, а од таму во Сисак, еден од најпогодените хрватски градови од вчерашниот земјотрес. Од автобусот се јавил во Пожарната служба, од каде веднаш го распределиле на терен. Го затекнавме во еден од магацините, каде, како што вели, од сите страни стигнува храна, вода, облека и хигиенски средства. Веќе два часа е на подготовка на пакетите за настраданите, кои ноќта ја поминаа надвор од своите домови, бидејќи потресите не престанаа.

-Лошо е, луѓето се исплашени, бидејќи тлото не престанува да се тресе. Ноќеска во еден часот во полноќ имало пет земјотреси. Помош стигнува од секаде. Има многу луѓе што помагаат, изјави Ѓеоргиевски.

Вети дека подоцна во текот на денот, ќе позборуваме за ситуацијата на терен.  Ѓеоргиевски сам замина за Хрватска како доброволец, откако никој не се јави на неговиот јавен повик. Неговите колеги пожарникари претпладнето во Штип во присуство на новиот граодначалник, одржаа смотра. Штип има силни врски со Хрватска, а Сплит е збратимен град.

Помошта на погодените подрачја е примарна. Граѓаните на Петриње и Сисак рано изутрината сведочат за непроспиена ноќ, а за да се стоплат ги користат своите шупи и други помошни простории.

–  Не знам дали воопшто некогаш ќе спијам. Имаме страв коски. Короната не’ уништи, земјотресот не’ дотепа. Оваа година почна грозно, така и ќе заврши. Дали ќе биде полоша годината? Може!,  изјави за 24.хр, 70-годишна жителка на Петриње, која ја преживеала војната и тешкиот земјотрес во Бања Лука.

Семејната куќа им е полна со вода и засега во неа не може да се влезе.

-Изутрината имаше уште два потреси, нема сигурност. Не знаеме што ќе правиме, ако треба пак ќе ги пакуваме куферите, изјави Милка Пујиќ.

Доброволци од целата земја се на терен, во снабдување на жителите со храна, вода, ќебиња и останатите потреби, додека толото не престанува да се тресе.