За празниците збогувајте се со тагата од минатото: Сѐ за чинот на простување со психологот, Розалија Секулоска – ММС
ММС

Објавено на: 01/2/21 11:50 AM

За празниците збогувајте се со тагата од минатото: Сѐ за чинот на простување со психологот, Розалија Секулоска

Нови надежи, нови цели, нови предизвици… на сѐ ова нѐ асоцира испраќањето на годината, додека следната чека на прагот. И кога таа ќе пристигне, духот на празничната магија ни носи надеж за подобро утре со стрес во помала количина од онаа што се акумулирала во текот на изминатиот период. Каква улога во постигнувањето на оваа цел, игра чинот на простување? Дали преку простувањето на оние кои ни згрешиле, можеме да ги поттиснеме лошите емоции, а тоа да го доживееме како празничен подарок од нас за нас самите? Ова се дел од прашањата за кои ММС дискутираше со Розалија Секуловска,  магистер по развојна психологија и советник психотерапевт.

-Овој период од годината е идеален за обжалување и одтагување на сѐ што било во минатото. Да се прости понекогаш е тешко, но е возможно. Простувањето и тагувањето се процеси кои поминуваат низ одредени фази. Фантазијата за простување, исто и како фантазијата за одмазда, често стануваат сурова мака, бидејќи на обичните луѓе не им оди од рака да доспеат до нивото на кое би биле способни да простат. Народните поговорки кажуваат дека простувањето е света работа. Но и во повеќето религии и тоа не е безусловно.  Вистинското простување не може да биде загарантирано додека личноста не побара и не помине низ признавање, каење и реституција.

Што всушност претставува чинот на простување? Дали да се прости значи на некој начин „бришење од нашата умствена меморија“ на она кое не’ повредило?

-Вистинското простување не може да биде загарантирано додека личноста не побара и не помине низ признавање, каење и реституција. За да можеме да простиме, желбата за одмазда мора да биде препознаена, а да го прифатиме простувањето, одговорноста за предизвиканата штета. Да се прости не е исто како и да се заборави. Заборавање на трауматичниот настан, особено во раните фази на жалење, укажува на одбранбено критикување на внатрешната и надворешната реалност. Кога ќе го добиеме простувањето, веќе не сме преокупирани со болното случување. Но, иако емоционалното случување е намалено, сеќавањето за него останува на пресвесно ниво и служи како потенцијален сигнал на егото кога има можност да се случи нешто слично.

Кои се факторите што придонесуваат да избалансираме меѓу траумата што сме ја доживеале и одлуката да му простиме на овој што ја предизвикал?

-Три фактори се клучни во разбирање на патот од трауматизацијата до простувањето: одмазда, репарација и повторно разгледување. Иако се смета политички некоректно, некој вид на одмазда е всушност добро за жртвата. Одмаздата го враќа чувството за владеење над ситуацијата и го подобрува себепочитувањето. Во реалноста или во фантазијата, одмаздата ѝ дозволува на жртвата да почувствува садистичко задоволство и го прераспределува односот на либидото и агресијата во селфобјективната врска. По одмаздата, жртвата веќе не е невина, а злосторникот не е единствениот лош, и двете страни предизвикале и почувствувале болка. Ваквата промена создава позадина за сочувство со непријателот и со самото тоа ја намалува омразата. Простувањето се случува потоа.

Следниот фактор кој го олеснува простувањето е репарација. Да дојде до закрепнување од штетата, многу е важно признание од злосторникот. Со тоа се поништуваат деструктивните последици. Ако повредиме некого, а потоа го доведуваме во прашање неговото видување на повредата, правиме дупла штета, која е еднаква на убиство. Признавањето дека е предизвикана штета го подобрува третирањето на реалноста и го олеснува жалењето. Признавањето понатаму укажува да потчинетиот покажува знаци на жалење, извинување и нуди емотивно и/или материјално поправување на штетата. Применото извинување (и репарација), ја подобрува перцепцијата на жртвуваното Его (“Во право бев кога забележав дека нешто не е во ред”). Извинувањето ѝ дозволува на жртвата да преземе активна улога во одлуката дали или нема нешто да прости, што го подобрува себепочитувањето кое пак го олеснува процесот на жалење.

Барањето на простување и желбата да му биде простено укажува дека субјектот станал свесен за сторената штета. Тоа е показател дека на сторителот му е важно да ја исправи направената штета. Барање на простување, произлегува од капацитетите за каење и од либидните компоненти на сочувство со жртвата.

Што кога луѓето не сакаат да простат? Како влијае на нивното ментално здравје останувањето во минатото?

Некои луѓе не можат да простат. Остануваат бесни со месеци, години, а понекогаш и цел живот. Стануваат дрндала и потклекнуваат на хроничната омраза, иако не мораат да бидат отворено одмаздољубиви. Дијагностички набљудувано, оваа група вклучува озбилни пореметувања како што се параноидни, антисоцијални и малигни нарцистички пореметувања.  Кога видливо сакаат да се одмаздат, стануваат деструктивни без граници. Оваа силна омраза е последица на процесот на кинење (неспособност за целовитост на објектот) и доживување на објектот како чисто зло.

Од друга страна, како изгледа чинот на простување кај луѓето што имаат преголема емпатија?

-Од психолошки аспект, патологијата на простувањето подразбира и прерано да им простиме на оние кои не’ повредиле. Тоа се случува кај оние кои наликуваат претерано подготвени да простат и да ја заборават штетата која им е предизвикана. Опсесивните невротичари со типична реакциона формација, како механизам со кој се бранат од агресија, спаѓаат во оваа категорија. Тие пребрзо им простуваат на другите, бидејќи во спротивно би морале да се соочат со чувства на повреденост и гнев. Ваквото конфликтно, прерано простување, е компромисна творба меѓу агресивни импулси и супер-его, што забранува да се покаже агресивноста и како таква може клинички да биде анализирана. Не можат адекватно да перципираат дека се измамени. Имаат силна глад за објектите и многу се зависни од другите. Токму затоа се претерано подготвени да ја простат неправдата и загубата. Во оваа група дијагностички спаѓаат слаби, безволни, шизоидни.

Го има кај мазохистите. Тие го повторуваат простувањето на неправда на својот мачител и наликуваат како никакако да научат од своето искуство. Живеат во состојба на зависност со садистот или со оние кои лесно можат да станат садисти, повторно се потчинуваат, толерираат понижувања и мачења. Состојбите на меѓузависност во партнерските релации, илустрираат мазохистичка димензија на претерано простување.

Какво објаснување дава психологијата за оние ситуации во кои жртвата тврди дека простила, но всушност во својот ум постојано го „врти филмот“ и понатаму ја преиспитува ситуацијата?

-Освен прераното простување кое претходно го споменавме, постои и таканареченото псевдопростување. Тука спаѓаат сите оние кои лажно простуваат. На површина наликуваат како да му простиле на непријателот, но во внатрешноста продолжуваат да приговараат и не се способни да оджалат. Се користи механизмот на цепење на својот психички свет на два дела. Едниот дел го прифаќаат како реалност и да ја надминат повредата и неправдата, а во другиот психопатскиот дел, ги задржуваат омнипотентните фантазии во кои имаат сила да ги уништат минатите повреди. Тие имаат нагласено антисоцијално однесување во кое псевдопростувањето потекнува од лажење кое се применува како стратегија. Пораката на Сталин дека „одмаздата е јадење кое е највкусно кога е послужено студено” и советот кој го дал Кенеди на својот син, дека „не треба да се лути, туку да се одмазди” се слика на формите на псевдопростување.

Веќе ги споменавме луѓето кои имаат преголема емпатија, но може ли да ни објасните како гледаат на простувањето оние кои не се сочувствителни? Дали воопшто се свесни дека некој од своето опкружување тие го ставиле во улога на жртва?

-Оние на кои им недостасува сочувство, не бараат простување. Наликуваат како да забораваат на неправдата и предизвиканите повреди. Тоа заборавање се должи на сериозен дефицит во суперегото, недостатокот на љубов кон другите и неспособност да се жали. Во друг случај може да се должи на негирање на своите маани. Тоа е возможно со параноидната анксиозност (страв дека личноста ќе биде посрамена доколку се извини) и служи да се задржи себепочитувањето.

Антисоцијалните и нарцисоидните личности се склони на вакво однесување. Процесите на сепарација и на индивидуација се невозможни. Недостатокот за толеранција на амбиваленција (поднесување на туѓите чувства) и целовитоста на објектот е поврзана со неспособноста да се жали, што оневозможува да и’ биде жал за она што му предизвикала на другиот).

На спротивната страна пак, ги имаме луѓето кои на некој начин, бескрајно бараат да им биде простено.

Тие се сосема спротивни од претходно споменатите и постојано се извинуваат за секојдневни, безазлени грешки. Тие носат товар на несвесно чувство на вина. Претераното извинување не ги ослободува од забранетите и морално неисправните хостилни сексуални желби кои се во подсвеста. Токму затоа самото барање постојано да се прости може да има хостилни цели и да служи како скриен механизам на празнење на сексуалните импулси.  Во многу блиска врска со оние кои постојано бараат простување, се личностите кои остануваат прогонети со месеци, години во мислењето дека другите му простиле. Тие се неспособни да го прифатат извинувањето и се мачат со чувствата на вина, депресивност и прогонителство.

Вања Мицевска