Три угостителски објекти во Скопје затворени, поради непочитување на препораките – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/20 7:40 PM

Три угостителски објекти во Скопје затворени, поради непочитување на препораките

Угостителски објекти во Скопје се затворени во зајакнати контроли на СВР Скопје и Државниот пазарен инспекторат. Против сопствениците ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека контролите се спроведени вчера од 16 до 23 часот при што се контролирани 297 угостителски објекти. Непочитување на законите се утврдени на подрачјето на Бит Пазар, Сарај и Аеродром.

Во 18:20 часот во објект на улицата „Отокар Кершовани” сопственост на А.Ш. затекнати се гости по што објектот е затворен, а против сопственикот ќе биде поднесена кривична пријава.

Во друг случај во ресторан во село Бојане, сопственост на Б.Б. биле затекнати околу 80 гости кои присуствувале на прослава. Прославата е прекината во 16:30 часот, по што од страна на ДПИ објектот е затворен, а ќе следува и соодветна кривична пријава.

Во трет случај, во 19 часот во угостителски објект на улицата „Венијамин Манчуковски” затекнати се девет лица по што објектот е затворен, а одговорното лице Ј.Н. е приведено.

 

 

Фото:  Архива

МИА