Нова година без честитки е како елка без украси: Можно ли е да „воскреснат“ класичните новогодишни честитки? – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/20 6:22 PM

Нова година без честитки е како елка без украси: Можно ли е да „воскреснат“ класичните новогодишни честитки?

Некогаш пред Нова година секој поштар дневно разнесувал и по повеќе од илјада честитки, денеска се радуваат ако во торбата стават една, старите добри новогодишни честитки речиси целосно исчезнаа, иако многумина велат:„Кога поштарот ќе ми донесеше честитка знаев дека тој што ми ја испратил ја избрал и купил само за мене и она што го напишал е само за мене, а сега една иста СМС-порака со честитка или честитка преку социјалните мрежи испраќаме на 100, 500, 1.000 адреси“

 

 Ретко кој полнолетен со носталгија не се сеќава на добрите стари новогодишни честитки, за кои денешните деца веќе и не знаат. Традиционалните новогодишни честитки, кои речиси два века им беа омилен начин на многу генерации луѓе за честитање на нови години и божикни празници, сега, поради мобилните телефони, компјутерите, Интернетот и социјалните мрежи, се пред целосно исчезнување. Поштенското сандаче сега е заменето со електронско, класичната пошта со електронска, со фејсбук-пораки, СМС-честитки…

Веќе ретко каде може да се купи новогодишна честитка

Веќе ги нема преполните торби на поштарите со новогодишни честитки што одвај успеваа да стигнат да ги поделат и да израдуваат многу деца, но и возрасни. Ги нема ни традиционалните предновогодишни размени на честитки меѓу учениците скришно ставајќи ги под клупите или меѓу книгите на соучениците или, пак, оставената пред врата честитка од соседот.

Во некои мали градови во Македонија веќе никаде не се продаваат новогодишни честитки. Во нешто поголемите градови за македонски прилики, како Штип, на пример, честитки може да се најдат само на неколку места – во ограничен број во неколку книжарници, главно залихи од минатите години, и на по некоја тезга, главно околу пазарот, скриени зад други дребулии. Од многуте некогашни улични продавачи на честитки, во последните неколку години како единствен беше останат само еден, кој го имаше наследено „семејниот бизнис“ на улична продажба на честитки од татка си. Но и таа единствена „специјализирана тезга“ за продажба само на честитки годинава, и на пет-шест дена пред Новата година, ја нема. Можеби причината е намалената фрекфенција на луѓе поради пандемијата?

Останаа многу малку места во Македонија каде што може да се купи новогодишна честитка

„Кога поштарот ќе ми донесеше честитка знаев дека тој што ми ја испратил ја избрал и купил само за мене, а и она што го напишал е само за мене. Сега една иста СМС-порака со честитка или честитка преку социјалните мрежи, на пример, испраќаме на 100, 500, 1.000 адреси. А, тоа не е тоа“, коментираат повозрасните.

Поштите беа во „вонредна состојба“ пред секоја Нова година

Поштите и поштарите порано пред секоја Нова година биле како во вонедна состојба за да успеат да ги разнесат купиштата новогодишни честитки што секој ден се испраќаа.

– Поштар сум од 1978 година, па добро се сеќавам на убавите години за новогодишните честитки, кои почнаа да привршуваат пред деценија, деценија и пол, а од пред неколку години ние поштарите се радувавме кога во торбата ќе ставиме макар една честитка за разнесување. А, некогаш во предновогодишните шпицови само еден поштар разнесуваше и по повеќе од 1.000 честитки дневно. Речиси немаше адреса, куќа, стан, семејство што секој ден не примаше честитка. Некои добиваа и по дваесетина. Работевме од зори, кога ги распределувавме честитките по реони, па до 17 часот за да ги разнесеме сите. Се ангажираа и дополнително луѓе, а целиот прекувремен труд ни’ беше педантно плаќан – се присетува поштарот Добре Младенов, кој од неодмна е во пензија.

Дали им доаѓа дефинитивниот крај на класичните поштенски новогодишни честитки или, пак, како нешто старо и добро – ретрото често знае да биде и модерно, ќе успеат некако да опстојат, па и да повратат дел од стариот „сјај“? Таквата „мисија“ би била тешка, можеби и невозможна.  На „воскреснување“ на старите добри новогодишни честитки сега почна да работи и Македонска пошта. Стартуваше со акција за обновување на традицијата на испраќање празнични честитки што ќе трае до 15 јануари 2021 година. Цената на една честитка со вклучено испраќање до адреса во земјава изнесува 16 денари.    (Љ.Ш.)

ИСТОРИЈАТОТ НА НОВОГОДИШНИТЕ И БОЖИКНИТЕ ЧЕСТИТКИ ПОЧНУВА ВО 1843 ГОДИНА

Најстарата печатена новогодишно-божикна честитка е отпечатена во 1843 година во Англија. Ја изработил англискиот сликар Џон Хорсли (1808-1882), а била отпечатена во илјада примероци.

Честитката потекнува од периодот кога печатењето во боја уште не било развиено, па била боена рачно. Во централниот дел на честитката се гледа семејство кое пие вино и слави, а на страната се призори на хуманост – давање храна и облека на сиромашни. На честитката на англиски јазик пишува: „Честит Божик и среќна Нова година“. Пронајден примерок од првата новогодишно-божикна честитка од 1843 пред седум-осум години на аукција бил продаден за 5.000 фунти.

Комерцијалното печатење и продавање честитки почнало по 1860 година, кога новата техника на печатење значително ги намалила трошоците, па честитките многу брзо станале популарни низ целиот свет.

Првата честитка од 1843 година