Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам во координација со Агенцијата за национална безбедност, Одделот за специјални полициски операции под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција по спроведена повеќемесечна истрага на 27.12.2020 приведе осум членови на терористичка организација.
Врз основа на наредби за претрес во дом и други простории издадени од надлежен судија од Основен кривичен суд Скопје, извршени се претреси на осум локации, од кои пет во Куманово и три во Скопје, при што пронајдени и лишени од слобода се сите осум лица.
– На 27.12.2020 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против Б.Ф. (32), Б.Г. (27) и Ј.К. (25) од Скопје и И.М. (22), Д.А. (21, ) Р.А. (31), С.И. (31) и А.С. (21) од Куманово за сторено кривично дело „терористичка организација“ предвидено и казниво по член 394-а став 2 од Кривичниот законик. Имено, Б.А. од Куманово создал терористичка организација во која покрај претходно притворените В.А. и Е.Љ. членувале и сега приведените врз основи на идеолошката матрица на терористичка организација ИСИС за извршување на убиства и уништување на јавни објекти со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните. За остварување на таа намера членовите на групата преземале повеќе подготвителни дејствија, обезбедувале финансиски средства и набавиле оружје, муниција, воена опрема, изработиле импровизирани експлозивни направи и потоа изведувале пробни испалувања и активирање на импровизираните експлозивни направи и оружјето кое што го набавиле, велат од МВР.
Членовите на терористичката група за меѓусебна комуникација претежно ја користеле интернет платформата „Whats App“ каде меѓудругото го договарале начинот на транспорт на оружје и начинот на изработка на самоубиствени појаси.
– Б.Ф. учествувал и во паравоени формации надвор од територијата на Република Северна Македонија, како припадник на терористичка организација ИСИС во Сирија.Исто така, пронајденото оружје и минско експлозивни средства на 27.08.2020 година во непосредна близина на м.в. Менкова колиба, Куманово, за кое на 31.08.2020 година кривично беа пријавени Б.А., В.А. и Е.Љ., според количината и намената укажува дека делувала повеќечлена терористичка организација, при што со дополнително собраните докази е утврдено дека постоела директна комуникација, претходен договор и знаење за превземените дејствија помеѓу сите членови на терористичката организација, наведуваат од МВР.