Историскиот договор меѓу ЕУ и Велика Британија рамка за идната соработка и сигурност на работните места – ММС
ММС

Објавено на: 12/25/20 8:20 PM

Историскиот договор меѓу ЕУ и Велика Британија рамка за идната соработка и сигурност на работните места

Велика Британија и Европската Унија вчера постигнаа договор за слободна трговија што ќе го спречи новогодишниот хаос во прекуграничната трговија и ќе донесе сигурност за бизнисот по повеќегодишните превирања околу Брегзит, пишува Агенција Анадолија (АА).

Договорот беше постигнат нешто повеќе од една недела пред истекувањето на рокот, односно пред официјалното завршување на процесот за разделба на Европскиот блок и Велика Британија. Велика Британија се повлече од политичките институции на Европската Унија на 31 јануари, а периодот на економска транзиција истекува на 31 декември.

Сега следува трката со времето за одобрување и ратификација на Договорот пред Велика Британија да ги напушти економските структури на ЕУ на крајот на годината. Британскиот Парламент и Европскиот парламент треба да гласаат за Договорот.

Месеци на напнати преговори, кои честопати беа ставени на тест, постепено ги намалуваа разликите меѓу двете страни во врска со три клучни прашања: правилата за фер конкуренција, механизмите за решавање на идните спорови и права на риболов. Правата на бродовите на ЕУ за риболов во британските води беа последната пречка пред и таа да биде решена. Меѓутоа, клучните аспекти на идните односи меѓу ЕУ и поранешната земја членка остануваат нерешени.

Британскиот премиер Борис Џонсон инсистира на тоа дека Велика Британија ќе оствари голем напредок, дури и ако не биде постигнат договор, а да мора да тргува со ЕУ според условите на Светската трговска организација. Но, неговата Влада призна дека хаотичниот излез најверојатно би довел до застој во британските пристаништа, привремен недостиг на некои стоки и зголемување на цената на основната храна.

Постигнатиот трговски договор содржи скоро 2.000 страници текст кој сè уште не е достапен за јавноста, а официјален Лондон и Брисел во првичните изјави наведоа дека тој документ гарантира бесцаринска, непречена и безусловна трговска размена во износ од 747 милијарди евра.

Британската Влада во своето соопштение стави акцент на договорената целосно бесцаринска трговија, додека Европската комисија вчера објави резиме на Договорот.

Договорот, меѓу другото, ја регулира британско-европската соработка во областите на прекуграничните услуги, инвестиции, даноци, транспорт, енергетика, риболов, доверливост на информациите и социјална сигурност.

Делегациите на Велика Британија и ЕУ се договорија идната трговска размена да биде без царини и без квоти кои би ги ограничувале страните во обемот на извозот и увозот.

Двете страни се обврзаа на соработка во борбата за зачувување на животната средина, борбата против климатските промени и за следење на почитувањето на социјалните и работничките права.

Ќе се формираат и механизми за решавање на спорови, кои ќе служат како бариера за кршење на конкурентските права и за заштита на праведни и еднакви услови на работење.

Договорено е и двете страни заеднички да управуваат со рибните резерви во морето, со можност Велика Британија да го развива тој сектор, и нејзините европски партнери да продолжат да рибарат. Имено, во британските води двете страни во моментов имаат подеднакви права на риболов, но Велика Британија во наредните пет години може да ја зголеми таа квота во соодносот 75:25 во сопствена корист.

Лондон и Брисел се договорија и за праведна конкуренција во користењето на копнениот, поморскиот, воздушниот и железничкиот транспорт.

На Велика Британија ѝ е оставена можноста да учествува во истражувачките програми на Европската Унија со задолжително финансиско учество.

Двете страни ќе ги подготват и рамките за полициска и правосудна соработка во областите на прекуграничен криминал и тероризам.

За сите спорови во врска со спроведувањето на Договорот надлежни ќе бидат меѓународните арбитражни судови, а во тоа нема да има никаква улога Европскиот суд на правдата, кој се занимава со спорови меѓу земјите членки на Унијата.

Британската Влада соопшти дека Договорот претставува доказ дека земјата го вратила својот целосен суверенитет, излегла од орбитата на Европската Унија, и повеќе не мора да ги почитува нејзините правила и не подлежи под Европскиот суд на правдата.

Велика Британија се повлекува и од програмата за размена на студенти во Европската Унија, „Еразмо“.

Британскиот премиер Џонсон најави формирање на нова програма „Туринг“, што ќе им овозможи на британските студенти програми за размена низ целиот свет, именуван по британскиот математичар Алан Туринг, кој ги откри германските кодови и го смени текот на Втората светска војна.

Европската Унија и по Брегзит ќе остане најголем трговски партнер на Велика Британија, но договорената трговија без царина е клучна за тоа. Меѓутоа, дополнителните трошоци на двете страни и на нивните компании може да создадат обврска за додатни документи за стоки, особено оние од земјоделскиот сектор.

Челничката на Британскиот финансиски центар „Сити оф Лондон“, Кетрин Мекгинис, изрази задоволство од постигнатиот договор меѓу Велика Британија и Европската Унија, и рече дека тоа и го чекале компаниите и народите на двете страни.

Договорот го израдува и раководството на Унијата на британски производители на автомобили (SMM).