ТФТ е клуб од заедницата и за заедницата – Со Боро Смилковски, лицето на прволигашот од Тафталиџе – ММС
ММС

Објавено на: 12/26/20 11:00 AM

ТФТ е клуб од заедницата и за заедницата – Со Боро Смилковски, лицето на прволигашот од Тафталиџе

Не постои спортски фанатик кој уште од најрана возраст не размислувал за спортска кариера, потоа тренерска и на крајот, доколку претходните два сона можеби не се отсонуваат, формирање и водење на колектив, со своите најблиски другари и пријатели, исто така спортски фанатици и љубители на „топката“.

Ваквиот животен сон е раритетен, но остварлив. И тоа веднаш тука до нас, во нашиот комшилук и до нашето маало, во Скопје, Македонија. Кошаркарската приказна за ТФТ, новиот прволигаш во Првата македонска кошаркарска лига во сезоната 2020/21, претставува вистинско освежување на спортската сцена во земјава. Приказната за неколкуте момци од скопската населба Тафталиџе кои идејата и замислата од тинејџерските денови за формирање на заеднички „маалски клуб“, ја преточуваат во реалност, mms.mk ви ја донесува во „прво лице еднина“ преку претседателот и актуелен тренер на екипата на ТФТ, Боро Смилковски.

Смилковски зборуваше за тоа од каде и на кој начин извира идејата за ТФТ, принципите и вредностите кон кои клубот стреми, но и пожртвуваноста на групата низ годините која денес вроди со плод.

ТФТ – идеја, кога и како?

-Првичната идеја датира многу одамна, уште од далечната 2002 година кога група ентузијасти (деца од Тафталиџе на возраст од 18-22 години) меѓу кои се наоѓам и јас (како претседател) го формираат кошаркарскиот клуб Фаворити, кој за тоа време претставуваше апсолутна авангарда за македонската кошаркарска сцена. Клубот постоеше од 2002 до 2005 година, ги помина сите левели на натпреварување, почнувајќи од Третата па се до Првата лига каде што сезоната 2004/2005 ја заврши на седмото место од вкупно 10 екипи. Тринаесет години подоцна, после многу животни „згоди и незгоди“ на моја иницијатива успеавме повторно да се собереме и да го формираме ТФТ (синоним за Тафта – Тафталиџе, местото кое го обожаваме и од каде доаѓаме).

Начинот на кој функционирате како клуб е неконвенционален, особено за домашни услови и претставува освежувачки спортски концепт и „приказна за сите“. Дали таквата подлога во моментов можеби го трасира патот на „ТФТ – самоодржлив клуб“ по примерот на некои други спортски колективи во светот?

-Идејата за ТФТ пред сè беше идеја за промоција на „маалскиот живот“ во Тафталиџе, една урбана приказна која освен спорт и кошарка промовира и уметност и култура на живеење во една од постарите скопски населби. Идејата отсекогаш била: „Клуб од заедницата, за заедницата“, мислам дека тоа и го постигнавме после сите маалски дружби, „neighborhood’’ забави, хуманитарни активности и евенети од спортски и забавен карактер. Се фокусирвме на тоа буквално да направивме приказна за сите. И за младите и за постарите, една приказна која обединува и во која секој може да придонесе и да се пронајде. Секојдневно даваме незамислив труд во остварување на истата, во градење на нешто што би било независно од „надворешната клима и влијанија“, нешто што би опстоило само по себе и би се надградило во годините што следат.

Колку тоа што оттргнати сте од „стегите“ на спонзори и големи финансиери, ви помогна во изградба на автентичноста и вртоглавиот прогрес?

-Концептот на финансирање на ТФТ се дефинира со фанатизмот на неколку поединци заедно со мене, кои „from day 1“ веруваа во оваа приказна. На некој чудесен начин секогаш наоѓавме решенија и се справуваме со предизвиците пред нас. Пласманот во Првата македонска лига, па и чекор понатаму – учество на ТФТ во регионалната Балканска Лига (БИБЛ), наметнаа потреба од повисок левел на функционирање и поголеми финансии. Од тој момент наидовме на поддршка од неколку локални фирми и бизниси од Тафталиџе и Карпош, кои во ТФТ пронајдоа заедничка цел и можност за сопствена промоција. Во годината што следи планирана е и соработка со нашата општина Карпош, каде што ТФТ е нејзин најголем спортки репрезент.

Кој тренерски стил и пристап можеме да го „врземе“ со името на Боро Смилковски?

-Претпоставувам дека секој тренерски пристап е во тесна врска со самиот карактер на тренерот, што во мојот случај е игра со голема енергија и пожртвуваност. Концептот дека ние сме пред сè „фамилија“, а после сме клуб. Градење доверба со играчите на и надвор од теренот се моите принципи и мојот идентитет како тренер.

Во ТФТ извршувате две функции, тренер и претседател на клубот. На кој начин ги менаџиравте двете позиции и колку нивната комплементарност, или некомплементарност влијае врз финалниот продукт на терен?

-Да, во ТФТ сум претседател на клубот и тренер на сениорската екипа. Многумина клубот го идентидикуваат со мене, меѓутоа јас пред сè би рекол дека јас сум можеби лицето на ТФТ, но структурата ја сочинуваат неколку луѓе од моја доверба без кои е незамисливо постоењето и функционирањето на клубот. Тоа што сум претседател и тренер истовремено ми носи поголема автономија во дел од одлуките за клубот и има големи предности, меѓутоа како што клубот расте и оди напред, така и обврските се зголемуваат, особено во поглед на организација и функционирање. Од оваа година големо освежување во нашиот тим е и новиот спортски директор на ТФТ – Јован Марковски, голем пријател, човек од кошарката и бизнис сферата.

Вие сте едни од ретките македонски клубови кои со толкав интензитет се посветуваат на работата на младинските категории. Дали е тоа е едeн од, ако не единствен, круцијален елемент за напредување на македонската клупска и репрезентативна кошарка во целина?

-Младинските категории се есенцијална работа за секој клуб. Поставување на структура во младинските школи и работата со деца е нималку наивна и многу одговорна работа. Ние сме на самиот почеток, минатата година веќе имавме неколку селекции и академија за почетници, вкупно околу 100 деца членови во младинските школи на ТФТ. Ситуацијата со Ковид-19 пандемијата моментално ги замрзна овие активности, особено со прекинот на лигите во кои се натпреваруваа, меѓутоа несомнено работата со млади деца и инвестирање во младинските школи се еден од приоритетите на ТФТ во иднина.

Впечатокот е дека по подолго време во Првата македонска кошаркарска лига компетитивноста е на исклучително високо ниво. Не постои „монопол“ врз титулата, не постојат само два главни конкуренти, туку секој може секого да победи. Каде го гледате ТФТ оваа сезона и каде го гледате ТФТ во следните пет години?

-Сведоци сме на една крајно возбудлива сезона во Македонската кошаркарска лига, квалитетна и неизвесна лига. Ние како „новајлии“ во лигашката конкуренција, за цел имаме да останеме во друштвото на најдобрите, можеби и да изненадиме некој од подобрите екипи. Во секој случај основна цел во оваа година е поставување на стабилни темели на една организација која ќе има што да каже во годините што следат. На подолг период, како споменатиот од пет години, можеби ќе звучи нескромно, меѓутоа јас ветив титула во Тафталиџе.

Прва сезона во сериозна конкуренција и прва сезона во БИБЛ лигата. Од колкаво значење е тоа, особено за младите кошаркари, да се натпреваруваат во лига која остава простор за докажување и етаблирање?

-Имавме дилеми околу пријавувањето во БИБЛ лигата. Пред сè да не е еден избрзан чекор и можеби да не сме организациски несозреани за тоа. Сепак мислам дека не погрешивме. БИБЛ лигата која е крајно квалитетна и нуди можност веќе од втората фаза за сериозна европска кошарка, беше одлична можност за етаблирање и промоција на нашите млади играчи, како и за нас кои сме дел од оваа организација, пред сè да се соочиме со предизвикот како изгледа тоа надвор од Македонија. Во моментов фокусирани успеавме да ја завршиме првата фаза и со малку спортска среќа се надеваме на пласман во втората фаза од ова натпреварување.

Кои се вашите играчки и тренерски идоли? Врз база на чие тренерско „си-ви“ ја градите својата кариера како млад тренер?

-Од постарите европски кошаркарски тренери, несомнено Ајто Гарсија Ренесес (легендарниот шпански тренер кој сè уште е активен берлинска Алба), од помладите Андреа Тринкијери и Шарунас Јасикевичиус. Инаку сум голем навивач на белградски Партизан.

НБА сезоната започна, а со тоа и возбудувањата и прогнозите за случувањата во кампањата 2020/21 во најквалитетното клупско светско првенство. Според вас, кој ја има улогата на фаворит за „прстен“ и дали можеме да очекуваме сериозни потреси на тлото и непредвидливи изненадувања?

-НБА лигата започна, а со тоа и моите непроспиени ноќи. Повеќе од 25 години верен фан на збиднувањата од НБА лигата. Ми се чини дека ќе гледаме одлична сезона во која Лејкерс ги издвојувам како фаворити за насловот. Источната конференција по подолго време со Нетс добива „западњачки шмек“, каде што го имаме и Селтикси, Мајами Хит, Бакси. Филаделфија со Док Риверс сигурно ќе ги замрси работите. Како голем фан на Демиен Лилард, имам симпатии за Портланд, а објективно сметам дека Мајами игра најдопадлива кошарка во лигата.

 Какви се долгорочните стремежи на клубот од скопско Тафталиџе?

-Долгорочните стремежи на ТФТ се поставување на стабилна организација и препознатлив бренд како во Македонија, така и во Европа. Мислам дека ова е само почетокот на оваа неверојатна приказна.

 

 

 

Давор Јосифоски