Ќе остане ли Игор Ангеловски селектор на македонската фудбалска репрезентација или не? Ова прашање деновиве си го поставуваат сите љубители на фудбалот, бидејќи договорот со сегашниот селектор, кој ја однесе Македонија на европско истекува на 31 декември на полноќ. ММС побара одговор од ФФМ, од каде рекоа дека прашањето се очекува да биде одговорено после Божик.
-Тоа што го кажа претседателот на ФФМ, дека после празниците ќе се седне да се разговара со Ангеловски, тоа сеуште важи. Но, не одлучува преседателот сам туку Управниот одбор, ќе се разгледа барањето кое ќе го даде Ангеловсски, секако ако го има. Па по 31 декември веројатно по барањата на сегашниот селектор Федерацијата ќе донесе одлука. Претпоставуваме после Божик. Има неколку моменти кои треба да се стават на маса. Претседателот Сејдини со анекс договор на Игор пред една година му го продолжи договорот, овој што сега истекува, со подобро услови. Е сега, што ќе се случи во моменов не знаеме. Да почекаме да поминат празниците, тоа го најави и претседателот Сејдини во неколку наврати досега, вели Златко Андоновски, порпарол на ФФМ.
Во спортските кругови се вртат неколку приказни во врска со продолжувањето на договорот на Ангеловски. Едни се дека во ваква состојба на голем успех не треба да се чепка ништо и дека Ангеловски треба да си остане на оваа позиција и да ја предводи репрезентацијата на Европско. Од друга страна пак, има и такви кои сакаат да му го намалат успехот на Ангеловски, па зборуваат дека на неговото столче треба да седне Благоја Милевски, кој ги предводеше младите репрезентативци во 2017 година на европско првенство и дека 10 фудбалери од тогаш сега се во големата група. Кон ова се додаваат и озборувања во смисла дека Грузија не бил силен противник. Кој и зошто сака да му го намалу успехот на Ангеловски и дали овие муабети, можеби се само пробен балон за реакција на јавноста доколку дојде до промена, или, пак, сосема некој трет чека да седне на ова столче, сеуште не се знае.
ММС побара мислење и од Ангеловски, кој ни рече дека досега од ФФМ никој му се нема јавено.
-Јас само можам да кажам дека до сега никој ми се нема јавено. Дали ќе ми се јави некој и кога не знам. Секако дека сакам да ја водам репрезентацијата. А кога се преговара селекторот не е тој што прв бара туку Федерацијата е таа која нуди договор на селекторот со сите пропратн и клаузули. Така е нормално. Два пати до сега сме преговарале со ФФМ. Тие треба да ме викнат и да ми понудат а не јас. А кога и дали ќе ми понудат тоа не знам, рече Ангеловски за ММС.
Во врска со муабетите дека Милевски би можело да дојде на неговото место, тој рече:
„Јас сакам да останам на оваа позиција, кој не би сакал, особено со ваква поддршка каква што како селектор ја имам од цела јавност. Тоа не можам да го негирам. Нормално е дека сакам овој упсех да го финализираме, заедно со фудбалерите кои се најзаслужни за овој успех, покрај мене. Секако тука се и сите членови на стручниот штаб. Па јас не џабе пред натпреварот со Грузија изјавив дека сме едн о семејство. Но, тоа, секако, зависи од првиот човек на ФФМ и од ФФМ, не од мене. А што се однесува за мојата замена нема да коментирам. Навистина за тоа немам коментар. Јас пет години работев на позицијата селектор, ги остврив овие резултати и нив не може никој да ги избрише. Во фудбалот бројките се математичка вредност. Или си победил или си изгубил или си играл нерешено. Или си се пласирал на Европско или не. По 30 години, под мое раковдство се палсира Македонија и тоа не може да се оспори. Е сега можеби некому му е жал што е тоа така ама народот го гледа успехот и против тоа не се може, изјави Ангеловски за ММС.
Дали ќе има промени и дали на само шест дена пред истекување на договорот на Ангеловски, ФФМ молчи затоа што се планира Милевски за нов селектор, сепак,ќе се знае по празниците.
Фото: ФФМ