Штипскиот граѓански сектор е слика на општествените прилики, коментираат граѓанските активисти, кои не се задоволни од улогата што ја имаат во заедницата и сметаат дека треба да играат позначајна улога. Од друга страна, луѓето од власта забележуваат дека отуствува организиран притисок од граѓанските организации, кои на таков начин ќе обезбедат подобро места и за нивното делување и бенифит за граѓаните.
Игнорирање како да не постојат во заедницата, па до најцрниот однос да бидат прогласени за непријатели на народот останува забележано во изминатите дваесетина години во работењето на граѓанските организации на Штип. Од ентузијазмот во деведесеттите години на минатиот век, кога беа формирани првите граѓански здруженија, граѓанските организации, дваесетина години како се’ уште да се борат за своето место во општеството. Со ретки исклучоци, нема професионално вработени граѓански активисти, а делувањето е од проект до проект. Граѓанскиот сектор во Штип се сведува на неколку активни граѓански организации, кои имаат професионално вработени во организацијата, а ангажирани се и волонтери. Значајна бројка од организациите живеат од проекти на донатори и активни се тогаш кога работат на проекти. Делувањето е локално, но и има мал број на организации со регионални и национални проекти.
Меѓу ретките организации кои успееја да се одржат и континуирано да работат е Фондацијата за развој на локалната заедница (ФРЛЗ), која е наследник на Центарот за поддршка на невладини организации, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Невенка Лонгурова Гирова анализирајќи го периодот наназад, вели дека во периодот пред 2010 година имаше поголем ентузујазам, а активистите со поголема желба да направат нешто повеќе за заедницата.
– Пред 2010 година имаше поголема раздвиженост, повеќе средства и поактивни организации. Многу згаснаа, ги намалија своите активности, некои од поактивните се пререгистрираа, но некои не, затоа што немаа некои посебни активности и со мали буџети. Здруженијата не успееја да внесат нови членови и тоа придонесе организациите да згасанат. Самиот активизам е поограничен. Економскиот е најголем фактор и поголем дел од граѓанските активисти првично својата енергија ја насочуваат кон тоа да најдат работа, па потоа да се насочат кон општествен активизам, вели Лонгурова Гирова.
Во Источно плански регион работат околу 1400 граѓански организации, додека над 10.000 граѓански организации на ниво на цела држава постоеја во периодот пред донесувањето на законот за здруженија и фондации во 2010 година, кога сите постоечки организации требаше да се пререгистрираат според овој закон. Од тие 10.000, 1800 имаат буџети поголем од 2500 евра. Околу 3000 имаат помал буџет од 3000 евра.
Продефилираа бројни „come and go“ организации или комерцијални организации
Професорот Страшко Стојановски, кој го предава предметот Граѓанско општество на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, вели дека максимумот на бројот на граѓански организации е достигнат во периодот 1999 – 2000 година. Основната причина, според професор Стојановски, е пристапот до фондовите, бидејќи пристапноста до донациите и донаторите продуцираат поголема активност. Како потврда на ова се пиковите на активност на граѓанскиот сектор, вклучувајќи го и тој од Штип.
-Еден од пиковите е во 2001, во време на конфликотот, а потоа во мигрантска криза, кога граѓанските организации излегоа на површина и беа поактивни, кога многу донатори и меѓународни фондации помагаа и финансираа за прашањето на бегалците. И тогаш и сега имаше многу девијации во граѓанскиот сектор, многу организации од типот „come and go“ организации, или комершал организации, кои се појавуваат кога има импут на финансиски сресдства, беа активни и потоа згаснаа по заминувањето на донаторите, објаснува Стојановски.
Недостатокот на фондови има директно влијание врз активноста и опстанокот на граѓанските организации. Во анализараниот период од триесетина организации, седум целосно престанаа со работа или се пасивизирани со годините во недостаток на нови проект. Граѓанските организации сметаат дека им е потребно зајакнување на капацитетите, зголемен пристап до фондовите, подобро познавање на процедурите и вештини за аплицирање, особено за повиците генерирани од фондовите на Европската унија. Исто така и зголемување на интересот од млади луѓе за граѓанскиот сектор, кои би ги вклучиле во нивните активности.
Во мисија на заживување на граѓанскиот сектор во источна Македонија е Граѓанскиот ресурсен центар, проект на Европската Унија, преку своја канцеларија во Штип. Од работата на Центарот во изминатите две години, во комуникацијата со организациите, детектирано е дека примарен проблем е немањето средства за оперативно работење.
-Ова во смисла дека проектите кои донаторите им ги финансираат на организациите, главно се фокусираат на активностите, додека „позадинците“ како логистика, администрација, како трошок не се исто толку лесно прифатливи. Дополнително, проблем е одржување на континуитет во работата, односно се работи од проект на проект, а се стагнира кога нема финансирање. Проблем е и поставување на „цврсти нозе“ кога често имаат нестабилна или нефункционална организациска структура, неразвиени процедури, ад-хок реакција, и импровизација. Активистите имаат ограничено време за работа во ГО, многу работат волонтерски, што значи имаат друга работа или студии/училиште, па ГО им доаѓа како хоби или дополнителна обврска, што води кон умор, незадоволство, пропуштање на рокови, е забележано од канцеларијата на Граѓанскиот ресурсен центар во Штип.
Од анализата на Медиа плус, може да се забележи дека најголем процент на активните организации делуваат во секторот социјална и здравствена заштита(29%), потоа следуваат заштита на човековите права(19%), економија(19%)локална демократија и медиуми (9%), додека најмалку активни организации има од областа екологија и млади. Исклучок од ова е последните две години, (2019/2020), кога беа формирани три организации кои работат со млади.
Соработката со Општината Штип е инцидентна, а ретко се јавува како соработник на проекти. И покрај планирањето на средства во општинскиот буџет за проекти на граѓанскиот сектор, во изминатите десетина години (2010 -2020), само еднаш е распишан јавен конкурс (2018) за доделување на средства за проекти на граѓанските организации, според утврдена методологија.
Во извештајните документи на Општината, во ставката „Трансфери кон невладини организации“ нема јасна дистинкција меѓу финансирањето на спортските клубови и средствата издвоени за проекти на граѓанскиот сектор. Според анализата на Фондацијата за развој на локалната заедница (ФРЛЗ), 98% од средствата од оваа ставка се наменети за спортските клубови, во најголем дел за ФК „Брегалница“.
Зошто нема пари за тие за кои се наменети?
-Никогаш немаше официјален став дека нема да се доделуваат средства за здруженија на граѓани, но и немаше барање, разговори со советници или притисок тоа да се реализира, одговори Љубе Здравков, актуелен член на Советот на Општина Штип и истовремено поранешен советник во мандатот на ВМРО ДПМНЕ од 2009 до 2013 година, кога градоначалник беше неговиот сопартиец, Зоран Алексов.
Здравков, иако не бил во Советот во мандатот на Илчо Захариев, кој го наследи Алексов, но останал партиски активен, вели дека Захариев целосно ги намали трансакциите кон здруженијата и кон спортските клубови и ги пренасочил кон инфраструктура.
-Се’ додека отсуствува објективна критика, поткрепена со факти, властите ќе си работат по свое, вели Здравков.
Граѓанските активисти со подолг стаж паметат период кога локалната власт во Штип ги сметаше граѓанските организации за „државни непријатели“, до периоди и власти кога една или две граѓански организации ги користеа за свои проекти, па дури и кога општината, и покрај законското ограничување, стана конкурент на граѓанскиот сектор, преку формирање на сопствена фондација, преку кои изведуваат комунални и инфраструктурни проекти.
Последните години, граѓанските активисти не се вклучени во работењето на телата и органите на Општината, со мали исклучоци, како што е изработката на Стратегијата за локален економски развој и повремено во некои од акциските планови. Потенцијалот на граѓанските организации е неспорен. Од Граѓанскиот ресурсен центар анализираат дека многу луѓе од ГО се поспособни и поподготвени да одговорат на било каков предизвик и да се снајдат во различни ситуации, во споредба на пример со многу вработени во државна администрација, што се должи на голем број обуки и искуство со работа на различни проекти.
Сепак, соработката владин – невладин сектор за добро на заедницата, изостанува.
-Двострани се причините – од една страна општините не покажуваат доволен интерес за инкулзивни граѓански организации, бидејќи една од улогите на граѓанскиот секотр е да се јави како алтернативна критика на властите и локални, централни. Претпоставувам дека општините во тој дел се плашат дека граѓанските организации, давајќи им контруктивна критика, може да им наштетат на општините и угледот на политичарите. А се работи за носители на политички функции, кои зависат од легитимитетот, кои го добиваат од граѓаните на изборите. Општината може ги гледа како закана, но и ако има контруктивна критика, таа е пожелна, смета професорот Стојановски.
Околу потенцијалот за соработка на граѓанските активисти со општината, професорот Стојановски е дециден.
-Граѓанските организации можат да придонесат врз локалниот сектор во многу сфери, вклучувајќи од бесплатна правна помош, лекарска помош, до организирање на настани можеби да делуваат како алтернативен ПР на општината, преку промовирање на одредени активности на општината. Да послужат како мост помеѓу граѓаните, нешто што би требало администрацијата да го прави, и општината, во овој сегмент може да прават истражувања на јавно мислење и во делот на експертизи ако имаат развиени капацитети, иако во овој дел не гледам големи капацитети, но има потенцијал, вели Стојановски.
Невенка Лонгурова Гирова е на став дека активност и иницијатива треба да има од двете страни, како и притисок од граѓанските организации за да се направи нешто.
-Нема институционална меморија во општините. Тоа што е изградено претходно, изградената доверба и соработка паѓа во вода со доаѓањето на нов градоначалник и почнуваме се’ од почеток. Фали тој континуитет. Треба поголема упорност од граѓанските активисти, меѓусебна солидарност и да се прави постојан притисок за да дојдеме до резултет. Очигледно, сегашните резултати не се доволни, потребен е притисок за да се дојде од нешто, изјави Лонгурова Гирова.
Има ли посветени активисти, верни на локалната средина?
За вистинско придвижување на штипскиот граѓански сектор, нашите соговорници оценуваат дека се потребни посветени активисти, професионално ангажирани, но овој потенцијал треба да се наметне и да се препознае од останатите сектори. Во развиените земји постои трипартитна соработка – граѓански сектор, власт – приватен сектор, каде граѓанските организации не зависат од донаторите. Последните две – три години се појавија нови организации, нови групи и иницијативи, кои се активни во секторот, кои имаат потенцијал да работат национални проекти. Засега, тоа е мал број, а многу организации главно работат потпроекти на локалните активности на големите организации. Како и во другите области, се чини, и во овој сектор е потребна реалокација и градење на капациети, кои ќе делуваат на национално ниво, бидејќи доколку останат на локално, ќе останат на ова ниво на развој, како што е сегашното. Ова дополнително ќе придонесе кон јакнење на кадровскиот потенцијал, бидејќи и граѓанскиот сектор не е имун на појавата центарот Скопје да ги апсорбира младите потенцијални кадри, кои привлечени од поголеми организации го напуштаат Штип, а со тоа организацијата губи изграден и обучен член на тимот, а со тоа и локалниот граѓански сектор.
Граѓанскиот ресурсен центар потсетува на потребата од дополнителна поддршка како обезбедување на простор за организациите кои немаат своја канцеларија и градење капацитети. Овие услуги треба да се дополнат со експертска поддршка, како правник и сметководител, како сервис во функција на развој на граѓанскиот сектор. Факт е дека организациите постојано се борат за освојување на просторот, кој, реално до пред две-три години беше многу стеснет. Меѓутоа, за добро на заедницата, требаат повеќестрани напори да не се повтори практиката од изминатите дваесет години – наместо пораст на граѓанскиот сектор да се случи обратното.
Сторијата е дел од проектот ,,Кажи за другите да знаат“,финансиран од Фондацијата Отворено општество-Македонија„
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот ЗГ „Медиа плус“ од Штип и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество-Македонија.