Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов зборувајќи за односите со Македонија, ја критикуваше македонската самосвесност како нација, а ги советуваше и македонските политичари, историјата да ја градат на факти.
-Тука од југословенско време населението се обучува да мрази, се воспитува на омраза кон Бугари, Албанци, кон Грци, љубов имаат само кон Белград и кон Србите. Се’ друго треба да биде мразено. Ние сме за нив Татари, фашисти и окупатори… Ќе излезе дека Македонците постојат од времето на Апостол Павле, и дури Исус Христос бил Македонец. Само ние Бугарите сме некакво долно племе“, рече Красимир Каракачанов во интервјуто за БНТ.
Само за потсетување, веќе е „докажано“ дека Исус „бил Бугарин“. Исто како и многу светски познати историски личности, за што пишуваа бугарски весници, се печатеа и книги, како оваа од фотографијата – „Атлантида – земја на древните Бугари“!
Каракачанов рече дека ако се вратиме 140 години наназад, ќе се види дека некои од тие актуелни бугарски партнери во ЕУ го создадале „тоа македонско прашање“.
-Како во 19 век некои од тие држави, ја поделија Бугарија на пет дела, а Македонија и Одринска Трајкија ја турнаа под турско ропство. Дали некој им го слушна гласот?!, праша Каракачанов.
Бугарскиот вицепремиер ја политизираше одлуката на бугарската влада да сподели од своите вакцини со Македонија. При тоа, Каракачанов изнесе бројка од 120.000 Бугари, кои живеат во Македонија.
-Тука не станува збор за соседи, туку за сонародници. И не само во Македонија, туку и западните покраини во Украина и Молдавија каде има бугарски заедници. На крајот на краиштата Бугарија е држава на сите Бугари. Ние имаме сонародници кои од економски причини живеат во државите членки на ЕУ. Таму (Македонија) имаме околу 120.000 сонародници. Тие се бугарски граѓани. Тие можат и
треба да се вакцинираат. Кога ние ги признаваме за Бугари треба да им дадеме можност да им се помогне, се разбира ако сакаат, тоа е доброволно“, рече Каракачанов.
Во однос на наложеното вето, Каракачанов негираше дека македонскиот јазикот е причина.
-Јазикот не еедна од причините, поради кои е наложено вето. Ние не наложивме вето, туку кажавме дека ќе дадеме согласност, ќе ги почнете преговорите кога ќе се поправите. Кога ќе се научите како со соседите, особено за кои тврдите дека имате заедничка историја, не може на тој начин. Не може од прв клас да ги подготвите децата со омраза кон Бугарија, рече Каракачанов.