Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик. Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово” во Скопје, каде синоќа имаше божикна света литургија.
На литургијата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и помал број верници во однос на изминатите години согласно протоколите за заштита од Ковид-19.
Внатре во катедралата имаше определен број свештени лица и верници, а надвор во дворот беше поставен видео бим со цел верниците кои не можеа да влезат внатре да ја следат литургијата. Задолжително беше носењето маски и одржувањето потребно растојание меѓу присутните.
Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божик на католичките верници на литургијата ја прочита божикната проповед.
– Драги браќа и сестри, секој човек се раѓа за себе и секој се радува на животот; секој човек има право на својот живот. Секој човек е Божја слика; кој го нарушува човечкото достоинство, тогаш тој греши и против самиот Бог. И во животот се случуваат чуда. Овие чуда се на дело кога поединци од љубов кон човекот, својот ближен, го жртвуваат своето време, своите добра, дури и својот сопствен живот. Многумина тоа и денес го прават. Не мора тоа секогаш да бидат големи работи за кои се зборува во медиумите. За време на оваа пандемија од коронавирусот, ние со голема благодарност го свртуваме вниманието кон толку многу лекари, медицински сестри и болничари, како и кон целиот услужен медицински персонал по клиничките центри, болниците и другите здравствени установи, кои својот сопствен живот и своето сопствено здравје го стават на ризик за да нè заштитат нас и сочуваат. Се молиме за нив и за сите погодени од оваа пандемија Бог да ги чува и да нè ослободи сите нас од оваа неволја, за да можеме да се вратиме на вообичаениот начин на живот и работа, на нашите семејства, на училиштата и на работните места во корист на нашиот народ и нашата драга татковина Македонија.
Кога во животот ќе сретнеме поединци кои својот живот го посветиле целосно на грижата за другите, лесно можеме да забележиме како некако и светот се менува во нивното опкружување. Да се присетиме само на нашата светица Свeта Мајка Тереза, која со своето несебично служење на најсиромашните меѓу сиромашните го привлече вниманието на светот, со својот живот и дело менуваше сè околу себе, создаваше атмосфера на Божјата присутност меѓу нас.
И додека го славиме таинството на воплотението на Синот Божји, ја слушаме оваа порака на ангелите до пастирите, се надеваме дека и ние сме вклучени во оваа таинство, дека Спасителот се роди во нас и за нас, за тебе и за мене и дека Исусовото внимание е насочено кон нас. Каде е Господ, таму е и иднината. Каде што има вера, има и иднина и надеж. А Бог се наоѓа таму каде што Неговото име се повикува и слави, каде што луѓето се поклонуваат пред Него и признаваат дека Тој е единствената надеж, единствениот патоказ, единствената цел и насока на животот. Само Тој во нашите неволји може да ни помогне и во сите наши тешкотии и кризи во светот. Единствено Тој го има вистинскиот лек за нашите болки, затоа што „Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости” (Исаија 53,4).
Браќа и сестри со овие зборови на сите вас ви го честитам празникот Рождество Христово – Божик. Нека Новородениот Исус на сите ни донесе радост и мир, нека нѐ оздрави од сите наши болки и нѐ направи секогаш да бидеме Негови. Амин! Христос се Роди!, истакна бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.
Божик денеска го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет, кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.
МИА