Реакции за нацрт-концепцијата за основно, според надлежните ќе има широка консултација за најдобро решение – ММС
ММС

Објавено на: 12/25/20 7:32 AM

Реакции за нацрт-концепцијата за основно, според надлежните ќе има широка консултација за најдобро решение

Нацрт-концепцијата за основно образование за која надлежните тврдат дека предвидува издржани реформи што водат кон поквалитетно образование, предизвикува реакции од институции и здруженија кои сметаат дека треба да се подготви нова низ  долготраен процес и преку сериозна стручна и академска расправа.

По реакциите на историчарите, наставниците по географија и по музичко образование, вчера, ден по презентацијата на концепцијата од Министетството за образование и наука, со реакции се огласија и ликовните педгози и институтите за педагогија и за социологија при Филозофскиот факултет на УКИМ.

Институтит за социологија соопшти дека пристапот е несериозен и дека продолжува, како што наведе „вообичаената практика на нетранспарентно реформирање на нашето образование”

– Апелираме реализацијата на оваа концепција да се запре, за да се избегнат катастрофалните последици од нејзината имплементација. Иницијалните идеи во новата концепција се добри, но за нивно имплементирање е потребно многу повеќе време, многу повеќе ресурси – човечки и општествен капитал. Она што е клучно при правењето вакви сериозни реформи е дека е неопходно да се консултира македонската научна елита. И, конечно, кога ќе се постигне согласност околу содржината на реформите и методологијата за нивната операционализација,  да се остави подготвителен период од најмалку пет до десет години, беше наведено меѓу другото во реакцијата на Институтот за социологија.

Институтот за педагогија на УКИМ вчера соопшти дека со мнозинство гласови членовите донеле заклучок дека не може да се прифати понудената концепција за основно образование затоа што сметаат дека има методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на нашата воспитно-образовна и општествена реалност.

– Имплементацијата на оваа концепција може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието. Од овие причини, треба да се запрат активностите во врска со концепцијата и да почне процес на сериозна стручна и академска расправа која ќе резултира со нова концепција, беше наведено во реакцијата на овој Институт.

Овој став не го поддржува раководителката на Институтот за педагогија проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ која наведе дека со нејзина колешка се дел од работната група за изработка на предлог-концепцијата и двете, како што истакна во дополнето соопштение, во целост стојат зад неа.

Иницијативниот одбор на ликовни педагози и Детскиот ликовен центар-Скопје во допис иаскажаа став дека со идејата за спојување на ликовно и музичко во еден предмет ќе се изгуби суштината на двата предмета, дека ликовно образование е посебен предмет кој ја развива креативноста, има свои специфични наставни содржини и не може да се поврзува со изборните предмети.

– Со новата концепција тој е поставен на маргините на образованието со тенденција да се укине. Предложената идеја Ликовно и Музичко да се спојат во еден курикулум сè до крајот на основното образование ќе доведе до неможност да се реализира. Во неколку европски програми постои таков пристап, но главно секаде спојувањето е ограничено на првите три одделенија. Не постои европска земја каде овие два предмета се во еден сè до крајот на основното образование, реагираа наставници по ликовно.

Премиерот Зоран Заев и министерката за образование Мила Царовска во одвоени изјави ја потенцираа неопходноста и очекуваната ефикасност на понудената концепција и дека при подготовката ќе бидат консултирани сите засегнати, почнувајќи од учителите и наставниците, универзитетски професори и академиците.

Според премиерот, основното образование мора да се реформира зашто децата учат многу непотребни работи  кои го скратуваат нивното внимание во другите активности.

– Не брзаме никаде. Концепцијата беше претставена во вторникот пред Владата, заклучоците од Владата се токму тоа – консултација со сите, внимателно посветување на секоја една точка, рече вчера Заев одговарајќи на новинарски прашања на настан на Пониква.

Министерката Царовска во гостување во емисија повтори дека реформата во основното образование е сеопфатна и со неа треба да се постигнат вистинските вредности во општество преку повеќе сегменти, Посочи дека во подготовката на концепцијата работат педагози и психолози и советници од Бирото за развој на образование, а експертите од научните дисциплини ќе бидат вклучени во подготовката на наставните програми.

– Во оваа фаза на јавна дискусија низ еден консултативен дијалог важно ни е да го слушнеме мислењето на сите и врз основа на тоа да создадеме реформа која ќе дава добри резултати, рече Царовска.

Соопшти дека во буџетот за идната година има пари за реформата и зголемувања во ставките за капитални инвестиции, за обуки на наставниците и за изготвување на наставни програми. Во собраниска процедура е нов заем од 21 милион евра Светската банка наменет за основното образование.

Реформата што се планира со новата концепција предвидува нов наставен план, според кој во основните училишта ќе има осум или девет задолжителни предмети и поголем број изборни.

Задолжителните ќе бидат поделени во две групи. Во првата група се: мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски или босански јазик) и математика, англиски јазик, природни науки (кој ќе опфати содржини од биологија, физичка географија, хемија и физика) и општествени науки (со содржини од историја, општествена географија, граѓанско образование, религии, етика…) Тие ќе бидат застапени со различен фонд на часови во сите одделенија од прво до деветто.

Во втората група задолжитени ќе бидат предмети кои покриваат уметничко образование, физичко образование и техничко-технолошко-информатичко образование. Меѓу задолжителните предмети наменети за учениците кои не ја следат наставата на македонски јазик се вклучува и македонскиот јазик кој ќе се изучува во вториот и третиот период на основното образование, односно од шесто до деветто одделение.

МИА