За Пандев и репрезентативците премија од четири милиони и двесте илјади евра – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/20 3:41 PM

За Пандев и репрезентативците премија од четири милиони и двесте илјади евра

Фудбалерите и стручниот штаб во А репрезентацијата на Македонија  во фудбал добиваат четири милиони и двесте илјади евра вкупна премија за пласманот на Европското првенство, одлучи Упавниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

-Најголемиот успех – пласманот на македонската репрезентација на ЕУРО 2020, ФФМ го награди со исплата на најголемата премија во историјата на македонскиот спорт, соопшти Федерацијата.

Репрезентативците и стручниот штаб веќе инкасираа близу еден милион евра за освоеното прво место во групата Д од Лига на нации и квалификациите за ЕУРО 2020.

Со денешната одлука на Управниот одбор на ФФМ, до крајот од годината, федерацијата ќе им исплати сума од три милиони и двесте илјади евра за обезбеденото место на македонската репрезентација на Европското првенство.

Управниот одбор ги усвои предложените критериуми за распределба на наградата, изготвени од директорот на А репрезентацијата во консултација со селекторот и капитенот на македонската репрезентација.

–  Македонската репрезентација ја обедини целата држава и ни ја донесе најголемата фудбалска радост од осамостојувањето. Капитенот Пандев и сите репрезентативци апсолутно ја заслужуваат паричната награда. Во сите тие моменти на патот до пласманот на Европското првенство, кога фудбалерите играа и се бореа за нашата фудбалска историја , никогаш не се размислуваше за пари. Но, сега е моментот, Управниот одбор да го цени успехот и да се обидеме и на овој начин да дадеме признание и да влијаеме позитивно на понатамошната атмосферата во репрезентацијата. Знам дека времињата се тешки, но Фудбалската федерација ќе продолжи да работи и горди сме на сѐ што заработивме и сѐ што плативме, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.