Во текот на јануари ќе започне целосна реконструкција на просторот кај кејот, најави Шилегов – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/20 3:24 PM

Во текот на јануари ќе започне целосна реконструкција на просторот кај кејот, најави Шилегов

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска соопшти дека во текот на јануари Градот ќе започне со целосна реконструкција и обнова на просторот кај кејот на потегот од градскиот плоштад до хотелот Холидеј ин. Постапката, информира тој, е завршена и потпишан е договор со изведувачот.

– Бевме договорени на неколкуте состаноци што ги имав со таа заедница дека некаде по Нова година ќе почнуваме и до почетокот на летото ние таму ќе добиеме еден целосно нов, обновен, урбан простор кадешто целосно ќе биде елиминиран проблемот со автомобилите. Кога ќе почнеме градежни работи таму ќе биде невозможно да се движат возилата, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Вчерашната случка, кога автомобил влета на плоштадот, Шилегов ја оцени како скандалозна.

– За мене е добро што брзо интервениравме и ние како Град и МВР за идентификација на сторителот, но она што е како глоба изречена не значи дека тука запира постапката, бидејќи има и сериозни елементи на сторено кривично дело – загрозување на безбедноста во сообраќајот. Во координација сме со МВР да започне поинаков вид кривична одговорност. Да се вози автомобил по пешачка зона, по плоштад е едноставно скандалозно, недозволиво и мора да биде најстрого казнето. Ќе го држиме Јавното обвинителство „под око” дали ќе постапи и како, затоа што е недозволиво во таков тип на зони да се користи автомобил, рече Шилегов.

Во однос на узурпираните патеки за слепи лица од дел од украсите што се поставени на плоштадот, Шилегов очекува уште денеска да се корегираат. Онаму каде ги забележавме аномалиите при китењето, додаде тој, таму ќе се отстранат.