Ирена Илиевска важи за една од најубавите македонски актерки, а на јавноста и’ е позната не само по театарските, туку и по улогите во серијалот Македонски народни приказни во продукција на една од домашните телевизии. Овојпат со актерката разговараме од поинаков агол, па во интервјуто за Македонски медиа сервис таа зборува за мајчинството, за новото секојдневие преплавено со ковид-19 и за емоциите што и’ ги буди празничниот период.
-Во поглед на вирусот мора да си признаеме дека комплетно ни се промени секојдневието и животите воопшто, во поголема или помала мерка, па се прилагодуваме на новото нормално. Не верувам во тоа дека тука нешто стана нормално. Не верувам дека некој се прилагодил. Човекот е социјално битие и што и да се случи не можеме да се затвориме и да не се социјализираме, а притоа да речеме дека сме се навикнале на тоа. Можеме само да се лажеме дека тоа е така. Сигурна сум дека сите едвај чекаме да заврши ова во кое се најдовме и да се вратиме на старите животи, на она што навистона беше нашето нормално. Во целото тоа сивило од информации и обид да се сочуваме себеси и тие околу нас, пристигна веста дека ќе ни се зголеми семејството со еден нов член, дека нов живот е на пат, а за мене тоа ќе биде сосема нов лист во животот. Дополнително се зголеми грижата за здравјето, бидејки сега сме две, па и самата состојба на бременост си бара поголема грижа, поздрав начин на живот, повеќе витамини, поздрава исхрана, поредовен сон …сите промени што се подразбираат додека се припремам за новата улога, за најтемелната претстава што ќе ја одиграм на сцената на животот. Бебето го очекуваме најдоцна во февруари. Како ќе биде неговото име се’ уште не се знае, но со сопругот имаме неколку фаворити па како притиска времето, така и изборот се стеснува.
Какви емоции ви носи мајчинството кое претстои, дали возбудата е измешана и малку со доза на страв поради ковид-19?
-Па се’ уште не сум станала мајка, бидејки се’ уште го носам во себе и ова ми е прва бременост, сигурно кога навистина ќе станам родител ќе се сменат многу работи, многу емоции, одговорности и обврски. Но, точно е дека мајчинскиот инстинкт се појавува уште додека расте малечкото во вас, па тоа носи со себе еден океан од емоции. Прво самото сознание дека се создава живот во вас, па кога ќе почне стомачето да расте и телото да се менува, па за мене најубавите моменти, кога почнав да го чувствувам како мрда…незаменливи моменти, нови емоции и еден куп мисли. На моменти страв од непознатото што доаѓа, во ова време-невреме, бидејки веќе не сте сами, не се грижите само за себе…А, на моменти храброст, храброст и сила да го превртиш цел свет ако треба, за доброто на тоа што доаѓа. Ќе се испреплетуваат тие емоции уште многу пати, верувам, но убедена сум дека храброста ќе победи.
Како реагираше сопругот кога дозна за приновата во семејството и до каде сте со подготовките за новиот член?
-Беше пресреќен! Сакавме да ни се случи ова, дури морам да признаам, имаше и поголема интуиција од мене. Сигурна сум дека тој ќе биде нејзиниот најдобар пријател и татко. А јас? Јас ќе имам две деца по дома за чување, едно големо и едно мало хахаха…Со подготовките сме при крај, имаме уште неколку ситници и потоа останува само да чекаме да дојде најубавото.
Како ја доживувате празничната магија во овој период? Дали уживате во украсувањето на домот, можеби правите колачиња…?
-Единственото нешто поради кое што ја сакам зимата се овие празници, празничната атмосфера, украсувањето и топлината во домот. Можеби не е пожелно да излегуваме, да се мешаме со луѓе и треба да ги избегнуваме гужвите, но во овој период мислам дека и не е тоа толку важно,бидејки околу празниците магијата е секогаш во домот -во топлиот чај, во топлината што ја носи семејството собрано на едно место, надополнета со сите украси, светилки, елки, дедо мразовци… Секоја година едвај чекам да почнам да украсувам, повеќето украси сама ги правам, можам со часови да седам и да правам новогодишни венци, свеќници, украсни чинии итн итн. Секако тука се и новогодишните колачиња од ѓумбир украсени како елки, лампиони и снешковци. Уживам во нив, посебно во овој период од бременоста во кој ми е дозволено и едно повеќе од вообичаено.
Многу ваши колеги јавно споделија дека им недостасува сцената, бидејќи тешко е кога на уметниците им се скратуваат можностите да творат. Каков е вашиот професионален ангажман овие месеци, што ви недостасува најмногу, дали ви фали контактот со публиката?
-Ми недостасува се’. Со оглед на тоа дека бремените жени спаѓаме во загрозена група на граѓани, кои не одат на работа и работат од дома, ми недостасува дури и самиот ритуал да излезеш од дома секој ден и да одиш нешто да сработиш, без разлика дали сум на проба или на синхронизации или на снимање. Секојдневието ми се промени во целост, дел поради пандемијата, дел поради самата бременост. Повеќето театри не работат се’ уште. Поради бременоста не можев да одговорам на повикот да си ги играм претставите или да учествувам во нови претстави или да сум дел од снимање… Ми недостасува се’, но гледам многу позитивно на целата моја новонастаната состојба, конечно се наспав. Хахахаха. Работата си е тука, театарот ќе опстои, тој секогаш наоѓал начин да преживее во тешки времиња. Уметноста ќе излезе како победник од се’ ова, со многу материјал за творење во иднина. Од една страна не пропуштам многу, бидејки и не се случува многу, а од друга страна до срж ми недостасува макар и да одам да поуживам во некоја претстава. Ми се гледа претстава, ми се оди во кино, ми се оди на концерт, ми се игра, ми се пее, но сега ќе треба да станам мајка и тоа го чекам најмногу од се’. На се’ друго многу скоро ќе се вратам и јас, а и светот, верувам.
Пред крај на една непосакувана година и пред почеток на година полна со нова надеж, какви ви се новогодишните желби?
Да се чуваат, да си го чуваат своето и здравјето на другите. Да бидат силни. Да издржиме. Да бидеме послушни за поскоро да помине. Да носат маски, да почитуваат препораки. Да си направат дома да им биде како од бајка, да уживаат во домашната атмосфера, да се гушкаат со најсаканите, зашто тоа ни недостасуваше на сите во оваа година. Посакувам многу прегратки, насмевки, позитивни мисли… Да ја заборавиме што поскоро старата и да ја дочекаме со една убава енергија новата година, а таа да ни ја врати слободата што ни е одземена.
Вања Мицевска