Триесетина пешаци годишно гинат во сообраќајни незгоди, едни од невнимание на возачи други од свое – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/20 4:22 PM

Триесетина пешаци годишно гинат во сообраќајни незгоди, едни од невнимание на возачи други од свое

Педесет и две годишен пешак од Струга е последната жртва која загина во сообраќајна незгода, откако во него удрило моторно возило во близина на индустриската зона во Струга. Возачот избегал од местото на несреќата.

Ако последните години според статистиките се намалува бројот на повредени и загинати во сообраќајни несреќи во земјава, бројот на загинати пешаци во сообраќајни несреќи како да не се менува. Според Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност по патиштата, во просек по 30 пешаци годишно умираат во сообраќајни незгоди.

„Статистичките податоци, иако се уште неофицијални покажуваат дека оваа 2020 година имаме намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди во однос на претходните години, но сепак се уште нивото на безбедност на сообраќајот на патиштата во нашата држава не е на ниво на земјите членки на ЕУ. Една од најранливите категории на учесници во сообраќајот се токму пешаците и искуствата од минатите години покажуваат дека околу 25% од вкупниот број на жртви во сообраќајни незгоди или во просек тоа се околу 30 лица , пешаци кои што годишно го губат животот во сообраќакни незгоди. Токму поради тоа пешаците многу често се дел од активностите на РСБСП и согласно на тоа во програмските определби за наредната година со самиот почеток на годината во периодот некаде, март , април се предвидени активности кои што ќе бидат насочени кон оваа категорија на учесници во сообраќајот,“ вели Манчев.

Истражувања покажуваат дека пешаците и покрај тоа што се многу ранлива категорија на учесници во сообраќајот, сепак спаѓаат и во групата на најнедисциплинирани учесници во сообраќајот. Всушност нивната одговорноста за безбедноста во сообраќајот е поделена. Од една страна одговорност сносат самите возачи, меѓутоа важно е и самите пешаци да сфатат дека и тие се активни учесници во сообраќајот и за нив важат правила и прописи кои што мора да ги почитуваат во сообраќајот.

„Истражувањата покажуваат дека пешаците учествуваат во сообраќајот, извршувајќи ги своите секојдневни обврски и при тоа некако не се свесни дека и тие активно учествуваат во сообраќајот и со секое излегување на улица, максимално треба да бидат внимателни и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи“, нагласува Манчев

Со оглед на тоа дека во пресрет ни се новогодишните и божиќните празници, тој со апел и до возачите и до пешаците.

„ Големиот број на сообраќајни незгоди, големиот број на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди нека биде едно предупредување за сите учесници во сообраќајот, посебно младите, дека последиците од сообраќајните незгоди се многу сериозни. Да не дозволат момент на невнимание, момент на непромисленост, момент на лакомисленост, да ги излуди и да ги наведе да направат грешка која може да значи загубен човечки живот. За жал младите многу страдаат во сообраќајни незгоди,“ вели Манчев.

Според светската статистика а и статистиката во нашата држава, водечка причина за смртност кај младите лица се токму сообраќајните незгоди.

В.Кр