На денешен ден загинал Даме Груев: Османлиите не можеле да поверуваат дека го убиле, па наредиле откопување и фотографирање – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/20 7:35 AM

На денешен ден загинал Даме Груев: Османлиите не можеле да поверуваат дека го убиле, па наредиле откопување и фотографирање

Груев загинал на 23 декември 1906 година во месноста Петлец кај беровското село Русиново, во кое бил и погребан, а бидејќи османлиските власти не биле сигурни дека во битката го убиле големиот македонски револуционер, околу Божик 1907 година наредиле откопување, како и фотографирање на телото на Даме, кое го извршил фотографот Гаврил, инаку и голем зограф и патриот, кој во 1897 година, по враќањето од Света Гора во родното Берово, една од своите први икони во беровскиот манастир „Св. Архангел Михаил“ ја потпишал вака:„Иконописец Гаврил Атанасов, Македонец, од село Берово, Малеш, 1897 година“

„Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“ е една од познатите пораки на големиот македонски револуционер Даме (Дамјан) Груев (1871-1906). За жал, не ја дочекал слободата на Македонија, за која од млад се борел. Загинал на 23 декември 1906 година кај беровското село Русиново. Сепак,  делото на Даме, од чие раѓање за неполн месец (на 19 јануари 2021) навршуваат 150 години, остана врежано, а неговиот лик и денес се почитува и чествува во цела Македонија.

Русиново не го заборава Даме

Така е и во Русиново, најголемото беровско и малешевско село, во чија близина, во месоста Петлец на Малешевските Планини, загинал Даме. Секоја година во втората половина на декември жителите на селото, но и беровци, пехчевци, како и луѓе од другите малешевски населби, чествуваат за Даме, а го организираат и маршот „По врвиците на Даме Груев“. Редовно по неколку стотици луѓе, повеќето пеш, а некои на коњ, со џип или трактор, го искачуваат патот од седум километри од Русиново до месноста Петлец, под истоимениот планински врв, каде што во 1906 година загинал големиот македонски револуционер. Така е со децении. И кога врне дожд и кога вее снег. Така ќе биде и годинава, иако под посебни мерки поради коронавирусот.

Почит пред плочата на гробиштата во Русиново каде што до 1953 година почиваше Груев

Почит на Груев секоја година му се оддава на сите четири обележја во атарот на селото што русинци, беровци и Малешевци ги подигнале во негова чест. Првин со положување свежо цвеќе пред спомен-бистата на Даме во центарот на Русиново, потоа и со панихида пред спомен-плочата на гробиштата до црквата во Русиново каде што почивал Груев до 1953 година, кога неговите посмртни останки биле пренесени во родното Смилево. Чествувањето продолжува на Петлец, прво кај спомен-чешмата подигната во 1953, на педесетгодишнината од Илинденското востание, за да заврши со собир и заеднички ручек кај местото на самото загинување на Груев, каде што исто така има поставено паметник.

Секоја година и собир на Петлец каде што загинал Даме

Во Русиново  Даме застанал на пат од Солун кон Пиринска Македонија

Даме Груев во Русиново застанал на пат од Солун кон Пиринска Македонија и Софија. Со дружината се сместиле во куќата на Алаѓозови, каде што требало и да преноќат. Но, веројатно поради предавство, малата дружина била нападната од аскерот.

Кај куќата загинале соборците на Даме, Сандо Китанов и Ѓорѓи Попстојанов. Груев со Атанас Карчев и курирот Глигор Митов, кој немал оружје, тргнал кон Петлец. Бил ранет во ногата, а од крвта останувале траги во снегот. Аскерот ги следел. Бидејќи бил без оружје, Даме му наредил на курирот Глигор, да ги напушти, да не биде лесна жртва. Во нерамната престрелка потоа, тој и Карчев загинале.

Утредента русинци во еден гроб на гробиштата  во Русиново ги закопале Груев, Китанов и Карчев, а Ѓорѓи Попстојанов бил погребан на гробиштата во соседното Владимирово, од каде што бил. Освен Даме Груев и неговите соборци, жртви биле и сопствениците на куќата, Димитар и Божана Алаѓозови, кои без објаснување биле стрелани од заптиите.

„Иконописец Гаврил Атанасов, Македонец од село Берово, Малеш“

– За да се уверат дека на 23 декември 1906 година кај беровското село Русиново навистина го убиле големиот македонски револуционер Даме Груев, османлиските истражни органи десетина дена подоцна наредиле неговото мртво тело да биде откопано и фотографирано. Фотографирањето по наредба го извршил беровецот Гаврил Атанасов Зографот (1862–1951), првиот фотограф во Малешевијата и во поширокиот регион – велат во беровскиот Музеј.

Таа фотографија е една од ретките сочувани од Гаврил, кој бил исклучителна личност, извонреден зограф и голем патриот.За да нема дилеми од каде е и што е по националност, плодниот зограф во 1897 година, веднаш по своето враќање од Света Гора во родното Берово, јасно се потпишал на една од своите први икони направени во Малеш. На иконата на св. Јован Златоуст, изработена на плех и која и денес стои на централно место на јужната олтарска врата на беровскиот манастир „Св. Архангел Михаил“, стар речиси два века, запишал: „Иконописец Гаврил Атанасов, Македонец, од село Берово, Малеш, 1897 година“. Затоа и онаму каде што денес малку се споменува Гаврил Атанасов се именува и како Гаврил Македонски – Зографот, Гаврил Беровец или Беровски или Гаврил Зографски.                                                                                                  Љупчо Шатевски

Потписот на иконата на Гаврил во беровскиот манастир