Воведување хиерархија во постапувањето со отпадот, забрана за пластични ќеси и сосема нови текови на отпад со искористени возила. Ова се дел од суштинските придобивки што треба да ги обезбедат законските решенија кои денес поминаа на владина седница.
Владата даде зелено светло за текстовите на предлог законите за управување со отпадот, на законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад, на законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, на предлог законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот за проширена одговорност на производителите, на предлог законот за управување со пакување и отпад од пакување, како и на предлог законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.
Сите овие предлози за закони се во согласност со регулативата на ЕУ за управување со отпадот и со нив комплетно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот – соопштија од прес службата на Владата попладнево.
Придобивките што земјава треба да ги почувствува од новата легислатива, меѓу другото предвидуваат:
– Зајакнување на обврските за производителите и колективните постапувачи, како и општините за да се обезбеди потребното селектирање на отпадот;
– Воведување хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување на статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производите кои можат да се реискористат, рециклираат и преработат за да не завршуваат на депонииите;
– Воведување финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад, како и, отпадни масла, отпадни гуми и текстил;
– Предвидена е забрана за пластични ќеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за кауција и стимулација на повратна амбалажа.
Од овие законски решенија кои ќе бидат доставени на усвојување во Собранието, одговорноста за целиот циклус на отпадот од производство до рециклажа е на производителот, а граѓаните ќе бидат задолжени да вршат селекцијата на отпадот, додека општините заедно со колективните постапувачи ќе имаат јасни обврски да им ги овозможат сите неопходни услови за селекција на отпадот на сите граѓани.