Иако Сериа А и Фудбалската асоцијација на Италија уште во октомври беа согласни дека од Наполи не се потрудиле доволно да допатуваат во Торино и да го одиграат дербито со Јувентус, како и дека клубот од Неапол не се држел стриктно до пропишаните Ковид-19 протоколи за фудбалски натпревари во лигата, денес Апелациското тело при Олимпискиот Комитет на Италија ја прифати жалбата на екипата од југот на земјата.
Од комисијата оценија дека Наполи како клуб во дадениот момент навистина не бил во можност да допатува во Торино и да го одигра мечот и поради објективни околности и следејќи ги сугестиите на локалните власти, некогашниот двократен шампион на Италија не пристигнал на дербито.
Наполи пред три месеци беше казнет со одземање на еден поен од бодовното конто и регистрирање на службен резултат од 3:0 за Јувентус.
Со новата одлука на Наполи бодот ќе му биде вратен, додека резултатот од 3:0 се поништува и сепак Јувентус и Наполи на зелен терен, наместо на зелена маса ќе ги вкрстат копјата.
Фото:
liverpoolfc.com