Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври годинава изнесува 27 899 денари и е зголемена за 8,4 отсто споредено со октомври лани, објави денеска Државниот завод за статистика.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Дејности на здравствената и социјалната заштита (12 проценти), Уметност, забава и рекреација (11,6 проценти) и Преработувачка индустрија (11 проценти).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (4,4 проценти), Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (4,4 проценти) и Стручни, научни и технички дејности (3,6 проценти).
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во октомври годинава изнесувала 41 654 денари.