Со гордост кажувам дека моите корени се од Гевгелија- Претседателот на големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп за соработката и пријателството меѓу двете земји – ММС
ММС

Објавено на: 12/22/20 12:08 PM

Со гордост кажувам дека моите корени се од Гевгелија- Претседателот на големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп за соработката и пријателството меѓу двете земји

Соработката меѓу двете земји е во духот на силно традиционално пријателство и партнерство, рече на денешната средба со новинариоте, претседател на големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп, кој е во дводневна посета на државава. Тој истакна дека во текот на вчерашниот ден имале успешни средби за билатералните односи меѓу двете земји.

-Турција несомнено е првата земја која ја призна Македонија со нејзиното уставно име и национален идентитет. Односите мегу Македонија и Турција се категоризираат како први или мегу најдобрите од аспект на искреност, поддршка, политика и помош. Разговаравме за членстовто во НАТО, процес кој ние силно го поддржувавме, а ја изразивме и поддршката за аспирацијата во ЕУ интеграциите. Македонија ја сметаме како братска земја и пријателска земја. Времето на пандемијата уште еднаш докажа за нашата цврста економска соработка. Турција е меѓу најзначајните инвеститори во земјата, турските компании нудат сериозен потенцијал за вработување, рече претседателот Шентоп и се осврна на безбедноста на државите и соработката против дејствувањето на терористичката организација ФЕТО, која, како што рече тој, во  2015 година се обидела да направи преврат во Турција.

Тој истакна дека дел од лицата, припадници на оваа организација пребегале и во странски земји и во нив дејствуваат затскриени зад разни превези.

-Ги предупредуваме нашите братски земји во регионов, како и во Македонија дека овие структури претставуваат закана за националната безбедност во сите земји. Во некои земји беа инволвирани во составање на дестабилизација и преврат. Тие се подизведувачи на големите разузнавачки странски служби и не треба да се заборави фактот дека се како подмолна змија и кога тогаш ќе ја каснат и раката која ги држи. Час поскоро да се елиминира оваа структура во Македонија.  За терористите нема чекање, треба да се елиминираат веднаш, рече тој.

Тој смета дека Северна Македонија  претставува пример за соживот во мир и благосостојба како мултикултурна, мултирелигиозна земја и дека Турција секогаш дава поддршка во оваа насока.

-Северна Македонија е пример за регионот и пошироко. Јас сум правник и знам дека во правните текстови  може да се запишат многу работи, но имплементацијата може да биде потешка во праксата. Знаеме дека кај вас, според Уставот на сите етнички заедници во зависност од процентот им следи правична застапеност во државната администрација. Вчера на средбите дознавме дека не сите се правично застапени според процентот. Турската заедница во е на половина ниво застапена во споредба со процентот и сметаме дека во таа насока ќе има подобрување, додаде тој.

Малку познато е дека претседател на големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп има корени од Гевгелија, односно неговите предци потекнуваат од овој град, па во таа насока зборуваше и за создавањето на слободна економска зона на југот од државава.

-Секогаш со гордост кажувам дека моето семејство и моите семејни корени се од Гевгелија. Долги години имаше најави околу формирање на слободна економска зона, но Гевгелија не е избрана заради корените, затоа што е роден крај на моите предци,  туку Гевгелија се наоѓа на една многу стратешка точка, се наоѓа на рутата на патот од Турција кон Европа и е многу пристапно место. Вчера на средбата со премиерот Зоран Заев се договоривме и наскоро ќе имаме конкретни резултати и многу сме среќни поради тоа. Ова ќе биде импулс да се забрзат инвестициите на турските бизнисмени во земјава, рече тој на крајот од прес конференцијата.