Британскиот премиер, Борис Џонсон, ќе претседава со вонредниот состанок по серијата рестрикции од европските држави за летовите, патувањата и карго транспортот од Велика Британија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џонсон ќе претседава со состанокот на којшто ќе се решава за следните чекори против новата варијанта на коронавирусот.
Околу 20 земји, меѓу кои Германија, Италија, Франција, Австрија, Белгија, Ирска, Турција и Канада, ги забранија сите летови од Велика Британија вчера, а се очекува тоа да го направат и други земји поради стравувањата од мутираната варијанта на коронавирусот, која се шири брзо.
Бидејќи Франција ги запира сите летови и карго пратки од Велика Британија за 48 часа, денес се предвидуваат километарски редици на камиони во регионот Кент.
Секретарот за транспорт, Грант Шапс, денес изјави дека ќе разговара со француските власти во врска со забраната за каргото.
Ненадејното стопирање на летовите остави илјадници луѓе, коишто вчера се враќаа од големите аеродроми.
Случаите на коронавирус во Велика Британија се зголемија за 35.928 вчера, а официјалните претставници рекоа дека новата варијанта на вирусот се шири 70 отсто побрзо. Порастот се случи со брзото зголемување на бројот на случаи во Лондон, југоисточниот и источниот дел на Велика Британија, регистрирано минатата недела.
Секретарот за здравство, Мет Хенкок, рече дека новата варијанта „излегла од контрола“.
Британската Влада минатата недела соопшти дека луѓето ќе можат да патуваат низ целата земја во посета на најблиските во текот на неделата до Божиќ, а ќе можат да се мешаат само 3 домаќинства во периодот помеѓу 23 и 27 декември.
Но, ненадејно, премиерот Џонсон во саботата го воведе Нивото 4 – што е многу слично со целосен карантин – за милиони луѓе откако изјави дека новата варијанта предизвикува голем пораст на случаите. Тој го намали мешањето на домаќинствата по повод Божиќ на само 1 ден, на самиот ден Божиќ.
Новите ограничувања означуваат строга забрана за патување во рамките на Велика Британија, каде што во моментот е на сила Нивото 4 од системот за борба против Ковид-19.
Бројот на починати од коронавирусот во Велика Британија се искачи на 67.401, што е најголем број во Европа.