Заедно со колеги пратеници ќе го блокираме предлог Законот за надворешни работи, каде за амбасадор се дозволува да има и друго државјанство, освен македонско. Тоа е погрешно решение и ќе поднесеме 300 амандмани, реагираше преку соопштение пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„Прво, затоа што измената е произволна и претставува обид законот да се прилагоди на неколку персонални решенија на владините партнери за пополнување на амбасадорски позиции.
Второ, овие измени се спротивни на Законот за класифицирани информации според кој неопходен предуслов за кандидатот за амбасадор да добие “безбедносен сертификат со степен Државна тајна” е да не е државјанин и на друга држава, а амбасадор без безбедносен сертификат не е амбасадор.
Трето, затоа што дипломатијата, како и безбедноста, е сензитивна професија каде лојалноста кон матичната држава Македонија не смее да биде доведена под знак прашалник,“ напиша Милошоски во реакцијата.
Објавено на: 12/20/20 2:12 PM