Се обновува училитето во с.Љубојно, кое е второ во државата каде започна да се изведува настава на македонски јазик – ММС
ММС

Објавено на: 12/20/20 11:16 AM

Се обновува училитето во с.Љубојно, кое е второ во државата каде започна да се изведува настава на македонски јазик

При работната посета на преспанскиот регион, премиерот Зоран Заев изврши увид на напредокот на работите на иницијативата за Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно. Оваа училиште, кое е второ во Македонија, во кое по завршувањето на Втората светска војна започна да се одржува настава на македонски јазик, долго време беше потполно заборавено и напуштено.

„Денес се наоѓаме пред објектот на старото училиште во с. Љубојно, кое претставува еден од најважните објекти од почетокот на XX век во Преспа. Неговото значење не произлегува во толкава мера од неговите уметничко-стилски и архитектонски карактеристики туку многу повеќе од неговите културни и општествени вредности. Имено тоа претставува лулката, односно второто училиште во Македонија, во кое по завршувањето на Втората светска војна, започна да се одржува настава на македонски јазик.Ова е показател на самосвеста на локалното население за неговата самобитност и посебност, и за неговите напори за втемелување на основните човекови определби.

За жал еден долг период ова училиште беше потполно заборавено и напуштено, што може да се забележи од неговиот денешен изглед. Но, по прогласувањето на с. Љубојно за заштитена споменичка целина, и превземените иницијативи од страна на Владата, за обнова на старото училиште, сѐ поизвесна станува реализацијата на сонот на генерации и генерации ученици, кои ги поминале своите училишни денови во овој објект и кои сонуваа, и сѐ уште сонуваат, повторно да го видат во сиот негов сјај“, истакна Мери Стојанова, директорка на битолскиот Завод и Музеј.


Центарот за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, за кој Владата обезбеди првични 30 милиони денари, треба да се гледа и во контекст на иницијативата за основање на Преспа Форум за Дијалог за кој исто така од Буџетот на државата се издвоени 100 милиони денари.

Како дел од овој проект е предвидена изградба на мултимедијален центар за младите, кој соодветно на самата симболика на Преспа ќе биде место каде што би се организирал меѓународен форум за дијалог и соработка.  Преспа Форум за дијалог ќе претставува идентитет и бренд, кој ќе биде врзан за нашата држава.

Според Заев, оваа иницијатива се покрена по повод две години од потпишувањето на Договорот од Преспа, како и во чест на 76 годишнината од основањето на второто училиште на мајчин, македонски јазик во Љубојно на 15 ноември 1944 година, само една година подоцна, откако првото училиште беше основано во Дебарца и Подвис, уште за време на Втората светска војна во 1943 година.