Еколошкото друштво „Здравец 2002″ од Македонска Каменица започна со мерење на штетните ПМ честички. За таа цел, како што информираше претседателот на Еколошкото друштво Миран Митревски, набавен е мобилен детектор кој прецизно ќе ги соопштува резултатите во врска со загадувањето во општината.
-Поради се поголемото загадување набавивме мобилен детектор за мерење на загадувањето во општината. Целта е граѓаните да имаат увид колкаво е загадувањето, што особено ќе биде значајно за лицата со хронични заболувања кои ќе имаат информација за границата на загаденоста, рече Митревски.
Досега како што додаде Митревски двапати е извршено мерење на штетните ПМ честички во Македонска Каменица, при што како што додаде резултатите не се поволни за лицата со хронични болести.
-Со последното мерење бројката на штетни честички изнесува 202 ПМ честички на метар кубен. Ова значи зголемен и проблеми за лицата со респираторна или срцева болест, кои треба да ја избегнуваат изложеноста на тие честички, додаде Митревски.
Паралелно како што претхдоно информираа од Еколошкото друштво „Здравец 2002″, во тек е реализацијата на проект со кој ќе се мониторира загаденоста на Каменичка река.