На Меѓународниот ден на солидарноста – 18 декември, СОС Детско село со годишниот настан „Едно семејство” изрази благодарност до најголемите корпоративни и индивидуални донатори, кои и за време на пандемијата ги поддржаа децата и младите без родителска грижа.
Главен покровител беше сопругата на претседателот која порача да не се заборават љубовта и грижата за другите.
– Се повеќе ги забораваме љубовта и грижата за другите, и тоа не треба да претставува само финансиски, односно материјални, туку треба да бидат и доброволни активности. Да ја оставиме себичноста зад сцена и ако не можеме на друг начин можеме со насмевка да покажеме дека без разлика на полот, возраста, етничката, верската и политичката определба ние сме сите едно општество и секој член подеднакво вреди, изјави Ѓорѓиевска.
Таа додаде дека овој значаен датум претставува можност да се афирмира значењето на солидарноста, пред сѐ преку примерот со активностите на СОС Детско село, и да се проговори за нејзиното значење во општеството.
Посетителите на настанот имаа можност да ја проследат и продажната изложба на уметнички дела на младиот Мартин Буровски, младинец од СОС Детско село.
– Оваа изложба насловена „Жед за творештво” ја посветувам токму на настанот „Едно семејство”, каде што јас пораснав, се школував и стигнав до овој степен каде што сум, изјави Буровски.
Изложбата ја отвори австрискиот амбасадор Георг Вуцас, кој напомена дека солидарноста е од особено значење во време кога се соочуваме со пандемија.
– Само солидарноста ќе овозможи да ја надминеме оваа глобална здравствена криза. Младата генерација е вистинско богатство на секоја нација. СОС Детските села обезбедуваат квалитетна грижа за децата кои веќе изгубиле или ризикуваат да ја изгубат родителската грижа. Ниту едно дете не треба да се групира само, секое дете треба да живее во стабилно и грижливо семејство, рече Вуцас.
Националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Гапо, истакна дека дарежливоста и солидарноста имаа круцијална улога годинава, поради влијанието на Ковид 19 и порача сите заедно да работиме на тоа сите деца и млади да живеат во општества каде штоќе имаат право на подеднаква среќа.
Статуетка за најголем корпоративен донатор добија Пивара Скопје, Осигурување Македонија и Агенцијата за електронски комуникации. Меѓу најголемите индивидуални донатори, плакета добија Варвара Стојановска Чукиќ, Јулијана Пецовска, членови на Православната Црква Свети Климент во Диарборн – Мичиген, Кристиан Тимоние, Стефани Неделкова, Лоди Гоговска и Снежана Кимова. Марија Челебиева, Марија Цветановска, Марио Ристовски, Анита Силановска и Мартин Гегоски се добитниците на плакета за најголем посветен индивидуален донатор за 2020 година.
Фото:
sitel.com.mk