Пандемијата е можност за преструктурирање на нашите економии, индустрии, технологии и воопшто, на начинот на живот согласно со принципите на одржливиот развој. Ако кризите ги третираме изолирано една од друга, ние само ќе ги ублажуваме симптомите без да го излечиме нашето човештво. Треба да се фокусираме на развој и поддршка на иновативни еколошки пристапи, одржливи развојни стратегии и да ги користиме новите технологии за климатска акција, истакна претседателот Стево Пендаровски на регионалната онлајн презентација на Извештајот за човеков развој подготвен од УНДП.
Тој наведе дека според Индексот за човечки капатал на Светската Банка се очекува во многу држави економските штети од пандемијата да се санираат на сметка на еколошката и климатската агенда.
– Не очекувам тоа да биде случајот со Република Северна Македонија. Како земја-кандидат за членство во Европската Унија, ние целосно го поддржуваме Европскиот зелен договор и подготвени сме да го дадеме нашиот удел кон трансформација на Европа во првиот континент со декарбонизирани економии до 2050 година. Како претседател, јас ќе ги поддржам плановите на Владата да поднесе ревидирани и поамбициозни национални придонеси кон климатските промени – потенцираше Пендаровски.
Во однос на шоковите коишто ги предизвика пандемијата, претседателот посочи на проценките на Меѓународниот монетарен фонд, според кои 100 милиони луѓе во светот ќе бидат турнати во екстремна сиромаштија, а сериозни последици ќе има и повременото парализирање на образовниот систем.
– Извештајот за човековиот развој треба да помогне да го задржиме фокусот и да не отстапиме од главните цели: Агендата 2030, Целите за одржлив развој, Парискиот климатски договор и Рамката од Сендаи за намалување на ризици од катастрофи – нагласи претседателот.
Како позитивен пример, претседателот посочи дека човековиот развој во Северна Македонија бележи пораст од 14.3 отсто од 2000 до 2019 година, а дека глобалниот индекс на мултидимензионална сиромаштија покажува дека земјава има најбрзо намалување на сиромаштијата во релативни бројки.
МИА