На последната седница помина и законот за државјанство и добро е што и некои од коалицијата на СДСМ не се согласуваат со овој закон. И тоа е добро знаете затоа што тројца сведоци било од каде можат да кажат за некој и тој да си земе македонско државјанство. Се менува редот и поредокот, затоа ова не е добар закон и затоа граѓаните треба да знаат дека овој закон не е поминат. Тој закон мора суштински да се промени. И ние ќе дадеме многу амандмани и се надевам заедно ќе го смениме текстот, рече Владо Мисајловски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ говорејќи на денешната собраниска седница.
Тој укажа дека брзите постапки за носење закони прават голема штета на сите.
„Знаете што ќе се случува многу луѓе од многу различни краеви ќе си добиваат државјанство. Се ќе се смени, цел поредок. Со тие ваши брзи постапки се прават многу грешки. Се надевам ќе добиеме поддршка и се надевам на поддршка затоа што ќе имаме фантомски партии, фантомски партии, фантомски гласачи. И не спорам дека некои треба да добијат државјанство, но треба да има основана и јасна процедура”, рече Мисајловски.
Мисајловски се осврна и на предлог буџетот за 2021 година и укажа дека јавниот долг е 6,57 милијарди евра.
„Висок јавен долг, а нема средства за младите доктори, за нови амбуланти, за образование…за ништо. А да, има само пари за партиски вработувања”, рече Мисајловски.
Пратеникот укажа дека е неосновано тоа што го предлага владата со продажба на државни форми и земјоделско земјиште.
„Ако така мислите да го полните, вие сте ја утнале стратегијата. Најлесно е да се продадат и да се продава, но така не се полни буџет. Нема средства за капитални инвестиции, нема пари за општините. Имате ли воопшто проекти, еве кажете со кој ќе стартувате, па вие немате никаков проект, немате работници на терен, така не може. Додека имаше вонредна ситуација не се изгради ниту една болница, не се направи ништо. Вас ви е во најава клиничкиот центар, но дали ќе биде така ќе видиме. Јас сум за нов клинички центар, но вие немате проектна документација, вие немате ништо. Има средства за вработувања и што ќе правите, доаѓаат локални избори и ќе треба да се вработуваат многу луѓе, не се прави тоа така. До кога вака е прашањето? Мора да има капитални проекти за да се наполни буџет, а не со продажба на фирми и земјоделско земјиште”, рече Мисајловски.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ