Казни за автомеханичарски работилници во тетовско, не постапувале соодветно со отпадното масло – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/20 3:40 PM

Казни за автомеханичарски работилници во тетовско, не постапувале соодветно со отпадното масло

Само кај две автомеханичарски работилници во тетовско, од контролираните пет, по извршената вонредна инспекциска контрола е утврдено дека работеле според законски утврдените нормативи.

Инспекцијата е направена на 15 декември. Тим на државни и овластени општински инспектори за животна средина од Скопје и Тетово извршија вонреден надзор во пет автомеханичарски сервиси во Тетово и Теарце.

Целта на овие надзори беше да се утврди начинот на постапување со отпадното масло, заменетите филтри и друг вид опасен отпад, се вели во информацијата објавена од Државниот инспекторат за животна средина.

„Важно е да потенцираме дека само два сервиси од петте кои беа предмет на надзор имаа валидни транспортни формулари кои ги доставија на увид до инспекторите. Тие формулари се пополнуваат при секое преземање на отпадните масла, на нив се гледа количината на отпадното масло, која фирма го презема и каде се носи на третман.

Кај два сервиси, се констатираше дека отпадното масло се предава на правно лице што поседува дозвола за транспорт на опасен отпад и утврдено е дека маслото не се гори на овие локации“, се вели во информацијата.

Во еден од сервисите, од увидот е заклучено дека повеќе тони отпадно масло се складираат на самата локација, односно дека тоа не се предава на правното лице со кое е склучен договор за преземање и транспорт на опасниот отпад. Резервоарот за екстра лесно масло за горење што се наоѓа во подрумските простории бил празен, а во моментот на надзорот започнале со полнење од цистерна која пристигнала на локацијата. На увид беа доставени податоци за горивото. Утврдено е дека отпадното масло ниту се гори, ниту се продава и на овластеното лице му беше укажано дека мора да го обнови постојниот договор за транспорт на отпадно масло или да склучи нов во рок од седум дена.

„Во два сервиси, каде не беа доставени транспортни формулари за преземање и транспорт на отпадно масло за 2020 година, на локациите истото не се чуваше на соодветен начин. Во еден од двата сервиси беше утврдено дека отпадното масло се гори. Горењето на отпадно масло емитува канцерогени материи. Ова правно лице ќе добие законски утврдена казна“, се додава во информацијата.

Сите пет сервиси кои биле предмет на надзор не постапувале соодветно со отпадни филтри и биле задолжени опасниот отпад да го селектираат и предаваат на овластени компании.

Државниот инспекторат информира дека ќе ги задолжи општинските инспектори од цела држава да во најкус можен рок спроведат итни надзори над сите автомеханичарски сервиси за да спречат или санкционираат горење и продавање на отпадно масло.

фото-Државен инспекторат за животна средина