Сомалија ги прекина сите дипломатски односи со соседна Кенија – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/20 8:41 AM

Сомалија ги прекина сите дипломатски односи со соседна Кенија

Сомалија ги прекина сите дипломатски врски со својот сосед Кенија, обвинувајќи ја за мешање во внатрешните работи и нарушување на нејзиниот територијален интегритет, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Сомалискиот министер за информации, Осман Дубе, во изјавата дадена на државната телевизија истакна дека Владата им наредила на сите дипломати во Кенија да се вратат во земјата, додека на кениските дипломати во Сомалија дадени им се седум дена да ја напуштат земјата.

„Сомалија ја донесе оваа одлука по арогантното интервенирање во нејзините внатрешни работи. Актуелната администрација на Кенија секогаш сака да прави проблеми во Сомалија”, истакна Дубе.

Одлуката уследи откако претседателот на Сомалиленд, Мусе Бихи Абди, кој прогласи еднострана независност од Сомалија, се состана вчера со кенискиот претседател Ухуру Кенјата.

Сомалиската федерална влада минатиот месец го повлече својот амбасадор во Најроби, обвинувајќи ја Кенија за мешање во внатрешните работи на Сомалија и побара од амбасадорот на Кенија во Могадишу да се врати во својата земја.

Односите меѓу Кенија и Сомалија се влошија по спорот со морската граница во регионот на богатите наоѓалишта на нафта и гас во Индискиот Океан.

Владата на Могадишу ја обвинува Кенија и дека е вклучена во политички теми во некои провинции во Сомалија.