Да бидеме чесни едни кон други, решението е во дијалог и разбирање, објави бугарскиот премиер Бојко Борисов на Фејсбук, одговарајќи им на македонските уметници Драган Спасов – Дац и Александар Митевски, кои претходно му се обратија преку оваа социјална мрежа, упатувајќи му поздрав со песната „Целувката на Ана”.
– Ви благодарам за честитката! Во овие нелесни времиња важно е да се поддржуваме едни со други. Исто како и во минатите годините, ние секогаш го правевме тоа за нашиот прв и најблизок сосед! И токму затоа што сме најблиски, не треба да дозволиме да се одалечуваме. Пријателството меѓу нас е силно. И најсилните врски се најемотивни, напиша Борисов во фејсбук-објавата.
Сепак, според бугарскиот премиер, таквата блискост не значи дека треба да се откажеме од нашите ветувања и да се навредуваме.
– Како пријатели треба да бидеме искрени едни со други. Така ќе одиме напред. Ако се инаетиме, проблемите ќе останат. Решението е дијалог, солидарност, разбирање. За едно подобро утре! Ние сме подготвени да помогнеме. Истото сакаме да го видиме и кај нашите соседи и пријатели, наведува Борисов во објавата.
Дац & Александар / Dragan Spasov Dac & Aleksandar Mitevski, благодаря за поздрава! В тези нелеки времена е важно да се…
Posted by Boyko Borissov on Monday, December 14, 2020
Претходно, Дац на својот профил на Фесјбук во свое и во име на Алекснадар Митевски упати објава до Борисов.
– Ви пишувам на мојот јазик затоа што знам дека добро се разбираме и за нашите два јазика немаме потреба од преведувач. Господине Борисов, кај нас првиот комшија е како роднина. Кај него одиш да побараш помош во секое време, а и тој го прави истото кога ќе му затреба нешто. Дали ти требало шеќер, брашно, леб, клешта, помош да се пренесе нешто… тука е првиот комшија. Ако не си во добри односи со првиот комшија, ќе треба за едно штрафче да одиш спрат подолу или погоре, но тој не ти е прв комшија, затоа што веќе си има свој прв комшија, наведува Дац во објавата.
Тој натаму посочува дека е сигурен оти истото е случај и во Бугарија, па ќе го разбере за што зборува.
– Ние сме срдечни луѓе, полни со љубов, кои знаат да сакаат кога се сакани. Има и од оние другите, но такви има секаде. Лесно е да се мрази, тешко е да се сака, затоа што љубовта и пријателството бараат разбирачка, а ние мора да се разбереме. Господине Борисов, со Александар направивме еден проект кој се вика “Љубовен пасош”, каде пееме љубовни песни од целиот регион. Досега имаме македонска песна, грчка песна, српска, босанска, влашка, руска, турска, бугарска… Мисијата на нашето дуо е да шириме љубов преку музиката. Сите тие се прекрасни песни, испеани со многу љубов, а за песната и љубовта – нема граници, посебно ако не ни треба превод за да ги разбереме зборовите. Нашите два јазика се слични и оттаму вие без проблем ја слушавте нашата преработка „Корона чао”, дури и ја споделивте на вашата ФБ страница, додава Дац.
Тој натаму во објава му посочува на Борисов дека колку повеќе јазици разбира е човек, дотолку е побогат.
– Еве, слушнете ја „Целувката на Ана”, песната која неодамна ја отпеавме во оригинал на бугарски јазик, како дел од „Љубовниот пасош” и да не дозволиме наместо од првите комшии, да се симнуваме спратови подолу за било каква помош. Затоа што тие, долу или горе, веќе имаат свои први комшии, наведува Дац во објавата.
МИА
Фото: netpress.com.mk