Уставниот суд да ја укине функцијата на Артан Груби: Левица поднесе претставка – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/20 2:49 PM

Уставниот суд да ја укине функцијата на Артан Груби: Левица поднесе претставка

Левица поднесе претставка до Уставен суд за оценување на уставноста и законитоста на подзаконски акт, односно Деловникот за работа на Владата, којшто владата на СДСМ и ДУИ го променија во месец Септември.

Имено, станува збор за ново-воведената функција – „прв заменик на претседателот на владата”, којашто всушност е неуставна категорија, поради тоа што истата е воведена со измени и дополнувања на ДЕЛОВНИК на Владата.

Потенцираме дека, уредувањето на Органите на државната власт е иманентно уставна материја и оттаму неможе да се воведуваат нови функции во извршната власт, ниту со закон, а не пак како во случајов со подзаконски акт!

Со ваквите измени на Деловникот за работа на Владата, каде се предвидува нова ваква функција, Власта ги пречекорува уставните ограничувања на владата, како извршна власт и буквално со ваквото нејзино самоволие, таа врши еден вид централизација на целокупната власт во себе и покажува тенденција за доминација во сите сфери на општественото живеење, затоа што ова сериозно го нарушува принципот на тријалистичка поделба на власта, како темелна вредност на нашиот устав.

Дури ни со Законот за Влада не е допуштено воведување нови државни функции, а не пак тоа да се прави со обичен Деловник, кој патем Владата сама си го носи. Ваквото самоволие на власта мора да биде спречено од страна на Судот, поради опасноста од тенденцијата – Владата да ја узурпира и законодавната власт, како во овој случај кадешто со деловник си уредува уставна материја.

Очигледно дека ваквото самоволно измислување на дебело платени функции е производ на партиските пазарења помеѓу коалиционите партнери, со цел задоволување на афинитетите на своите партиски членови, а сето тоа на штета на сите нас.

Врз основа на нашето искуство со Уставниот Суд како неагилен, односно со неговите служби како исклучитело нетранспарентни и ненавремени во информирањето, како подносители, БАРАМЕ да бидеме перманентно и навремено известувани за постапувањето во однос на оваа наша иницијатива, како и за исходот од истата.

Реџеп Исмаил – Хактан, член на Президиумот на Левица 1