Mилан доаѓа во Белград, Давид Силва против Манчестер Јунајтед во 1/16 финалето од Европа Лига – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/20 2:00 PM

Mилан доаѓа во Белград, Давид Силва против Манчестер Јунајтед во 1/16 финалето од Европа Лига

Традиционално еден час подоцна од ждрепката за Лигата на Шампионите, во Нион попладнево беа извлечени двојките за 1/16 финалето во второто по квалитет европско клупско натпреварување.

Второпласираниот во групата Л во Европа Лига, Црвена Ѕвезда, го дочекува во Белград на стадионот „Рајко Митиќ“, италијанскиот гигант Милан. „Росонерите“ оваа календарска година ја играат на високо ниво и од рестартирањето на минатата сезона и во продолжението на новата, екипата на Стефано Пиоли е без пораз во Сериа А. Црвено-белите предводени од играчката легенда на миланскиот ривал Интер, ќе имаат пеколно тешка задача против еден од главните фаворити за освојување на ова натпреварување.

Вториот клуб од екс-ју просторите, шампионот на Хрватска, Динамо Загреб, за прогрес во следната фаза ќе мора да се потруди преку Краснодар. Руската екипа како третопласирана во Лигата на Шампионите во група со Челзи, Севиља и Рен, се пресели едно ниво подолу и ќе се обиде со релативно скапиот состав да претставува изненадување помеѓу 32-та клуба.

Дербито во овој дел од натпреварувањето несомнено ќе заземе место на „Аноета“ во Сан Себастијан. Некогашните учесници во Лигата на Шампионите и овогодинешното освежување во Примера, Реал Сосиедад, ќе ги одмерат силите со неочекувано испаднатиот Манчестер Јунајтед. Групата сочинета од ПСЖ, Лајпциг и Истанбул Башакшехир се чинеше претешка за Оле Гунар Солскјер и затоа спасот на сезоната ќе се бара во Европа Лигата.

Од останатите двојки издвојуваме: Волфсбергег-Тотенхем, Динамо Киев-Клуб Бриж, Бенфика-Арсенал, Антверп-Глазгов Ренџерс, Славија Прага-Лестер, Брага-Рома, Салзбург-Виљареал, Јанг Бојс-Леверкузен, Молде-Хофенхајм, Гранада-Наполи, Макаби Тел Авив-Шахтрај, Лил-Ајакс и Олимпијакос-ПСВ.

 

Првата рунда од нокаут фазата започнува на 18 февруари.

 

 

 

Фото:

Twitter