Нивото на Охридското езеро последниве месец дена е драстично паднато. Тоа е најочигледно покрај самиот градски кеј и на градското пристаниште во Охрид, каде цели површини се на суво, а формирани се и мали островчиња. Охриѓани одамна не паметат вака ниско ниво на Охридското езеро. Велат дека состојбата од ден на ден е се позагрижувачка и повикуваат повеќе да не се игра со најстаарото езеро во светот, кое е под заштита на УНЕСКО уште од 1980 година. Последните мерења покажуваат дека нивото на езерото е три сантиметри пониско во однос на природно дозволениот минимум, под кој езерото не смее да се спушта, а тоа е 693,07 метри надморска височина. Сегашното ниво е и за 10 сантиметри под најниската кота утврдена со Билатералниот договор склучен со Албанија.
Здравко Крстаноски, лимнолог во пензија и добар познавач на состојбите со Охридското езеро, вели дека станува збор за загрижувачко повлекување на нивото на езерото, кое не смее повеќе да се случува. Тој посочува на неколку грешки кои биле направени уште во минтото, а се поврзани со одржувањето на Охридското езеро.
„Најголемата грешка е направена во шеесетите години на минатиот век кога езерото стана акумулација за производство на електрична енергија, неводејќи се сметка за неговото значење од сите аспекти- за опстанок на живиот свет во него, а и како акумулација на питка вода, која од ден на ден се намалува во светот. До ден денес не се реши проблемот со нерегулираниот истек на езерските води преку Црни Дрим, за функционирање на хидроцентралите Глобочица и Шпиље и останатите во Албанија. Овде е и непочитувањето на режимот на користење на езерските води од наведените хидроцентрали во текот на годината. Истите согласно студијата од 1978 година, во текот на годината се должни, режимско-плански да користат само 65 сантиметри воден столб, и тоа од кота од 693,10 до максималната од 693,75“, вели Крстаноски.
Според него ова се должи на неколку моменти, како што е нерегулираниот истек на езерските води преку реката Црни Дрим, со талпи кои по желба, вели тој, се поставуваат и вадат, за потребите на хидроцентрали. Според професорот Крстаноски, постојаните осцилации на езерските води, доведуваат до уништување на црковните живописи околу езерото, до слегнување на почвата, односно до осцилации на градежните објекти околу езерото.
„Осцилациите доведуваат до изумирање на дел од популациите на живите организми, а особено на оние на крајбрежјето. Осцилациите на езерото педизвикуваат истек на најквалитетната вода,на уништување на пределниот изгледа на езерото и неговата околина“, додава Крстаноски и вели дека грижата за Охридското езеро е на државата.
Ѓоко Зороски од Друштвото на екологисти на Македонија вели дека влијание врз намалувањето на нивото на Охридското езеро имаат и климатските варијации, бидејќи подолго време се соочуваме со недостаток на атмосферски врнежи.
„Тој проблем е навистина загрижувачки. Езерото содржи огромна количина на вода, но сите тие мали варијации се лоши за оној животински и растителен свет, кој живее во крајбрежниот појас, а каде има доста ендемични видови на организми“, вели Зороски.
Трајче Талески, биолог од Хидробиолошкиот завод во Охрид, пак, вели дека би било многу подобро на истекот на реката Црни Дрим во Струга, наместо сегашниот истек со дрвени талпи, да се постави дигитална преграда, која ќе биде автоматски управувана. Тогаш состојбата со Охридското езеро може да се подобри, од аспект на неговото ниво и регулација.
„Од изградбата на хидроцентралите на реката Црни Дрим водата од езерото се користела за добивање на електрична енергија, бидејќи нема друго. Таа протекува низ турбините и се произведува струја. Во одредени моменти тоа се прави намерно, во одредени моменти се прави поради одредени потреби на самото езеро и самите градови, кои се наоѓаат на самото крајбрежје. Како еколог, како биолог, како човек, кој работи 40 години на Охридско езеро, мислам дека сето тоа треба да се прави со одредени сознанија, со консултации со науката и со луѓе кои работат во Хидробиолошкиот завод и со некои други засегнати страни“, вели Талески.
Талески вели дека останува на ставот дека на Охридското Езеро не смее да се гледа како на акумулација за производство на струја.
„Охридско езеро не е резервоар за снабдување на хидроцентралите во Македонија и Албанија со вода за производство на електрична енергија. Затоа и нашата заложба е реката Сатеска да биде вратена во старото корито, затоа што сето она што го внесува реката Сатеска во одредени периоди во езерото негативно се одразува врз растителниот и животинскиот свет во него. Исто така, ако се внесат тие 10 или 20 кубици во секунда во одредени моменти, кој Сатеска ги внесува во езерото, ќе се внесуваат во првата акумулација во Глобочичко езеро и количествата на најквалитетна вода, наместо да се испушта за производство на електрична енергија ќе остануваат во езерото и на тој начин ќе се подобрува и трофичката состојба на езерото. Секое намалување на нивото негативно се одразува врз растителниот и животинскиот свет во делот на крајбрежјето односно на фауната на дното на езерото“, вели Талески.
„Ние како наука се залагаме, дека не може една организација која што постојано произведува струја да управува со истекот на едно езеро кое што тој регулативен систем овозможува во даден момент голем пад на самото езеро а со тоа и влошување на состојбте во крајбрежните региони“, вели Зоран Спиркоски од хидробиолошкиот завод Охрид.
На ниското ниво на Охридско езеро реагираат и сопствениците на бродови и кајчиња кои пловат во езерото.Тие велат дека поради актуелната состојба, имаат проблеми со закотвувањето на нивните пловни објекти на градското пристаниште и покрај самиот кеј. Ако велат состојбата не се подобри, тогаш не знаат каде би ги паркирале нивните пловила.
Од Електрани на Северна Македонија, на неколку наврати во медиумите изјавуваа дека причина за ваквата состојба со езерото е долгиот сушен период, како и во неповолната хидролошка состојба.
Охридското езеро во минатото се соочуваше и со сосема различна ситуација од сегашната, кога доаѓаше и до драстичен пораст на нивото на езерото и кога во опасност се доведуваа објектите изградени покрај самото крајбрежје.
Мики Трајковски