Средношколците на протест против државната матура, од МОН категорични: Матура ќе има, образованието мора да продолжи и во време на пандемија – ММС
ММС

Објавено на: 12/11/20 5:17 PM

Средношколците на протест против државната матура, од МОН категорични: Матура ќе има, образованието мора да продолжи и во време на пандемија

Организирани од Средношколски глас, ученици попладнево протестираат пред Министерството за образование и наука против полагање државна матура. Сметаат дека и за оваа генерација, како и за минатата, треба да биде укината зашто и натаму трае епидемијата и наставата на далечина.

Во повикот „На протест. Стоп за државната матура“, од Средношколски глас соопштија дека средношколците се „против дополнителен хаос во образованието“ и дека и онака немањето услови за настава се отежнува со дополнителни неосмислени програми за полагање на матурата.

– Образованието ни виси на конец, не можеме да го стекнеме вистинскиот обем на учење и добивање  практично и теорично знаење, и полагањето на матура за учебната 2020/2021 година е невозможно на начин каков што е предложен од страна на Министерство за образование. Физичко присуство на учениците за еден од предметите, а дел да се полагаат онлајн воопшто не е соодветен модел да се полага државна матура, велат од Средношколски глас.

Од МОН пак по протестот велат дека образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации. категорични се дека државна матура треба да има затоа што со неа се заокружува стекнатото знаење и она што е многу важно ги насочува учениците во понатамошниот образовен процес,

-За ова се бориме од самиот почеток и нема да отстапиме од оваа цел.Министерството за образование и наука изминатиот период покажа огромна посветеност и отвореност за дијалог со матурантите. Министерката за образование и наука Мила Царовска и претставници од министерството веќе се сретнаа со Сојузот на средношколци и со Гласот на матурантите. И едните и другите навреме беа информирани дека испитите од државната матура ќе се одржат во законски предвидениот рок, но со полесни прашања и по скратени програми, со цел полагањето да биде ефективно и организирано. Со средношколците разговаравме и за проширената листа на екстерни предмети за гимназиско образование со информатика и географија, како и за можностите што ги нуди променетата програма за проектната задача, соопшти МОН.

Средношколците на состаноците, како што наведува, биле известени дека заедно со нив и со училиштата, наставниците и со здравствените власти ќе биде најден начин самото полагање да биде безбедно.

Министерството за образование и наука најави промени во концепцијата на државната матура кои би се применувале од 2021/2022 година, а ќе се прават во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците.

МОН нагласува дека државната матура е и законска обврска и дека и покрај пандемијата, се одржува во сите европски земји и во регионот и успешно се реализираше минатата учебна година, а започнуваат подготовките и за оваа учебна година.

– Северна Македонија не смее да биде исклучок по негативни практики. Заедно со директорите на училиштата и наставниот кадар, МОН за многу кратко време воспостави модел на настава кој функционира и овозможува пристап до образование за секое дете во државата. Имаме доволно време сите заеднички да се подготвиме и за државната матура. Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка за испитите, но токму затоа ги повикуваме матурантите, низ заеднички дијалог да понудиме решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка, соопшти Министерство за образование и наука.

 

МИА