Граѓаните ќе може да плаќаат во „Пошта“ од први март, Макрадули ја „наследил“ со долг од околу 10 милиони евра – ММС
ММС

Објавено на: 12/11/20 12:39 PM

Граѓаните ќе може да плаќаат во „Пошта“ од први март, Макрадули ја „наследил“ со долг од околу 10 милиони евра

Новиот директор на „Пошта“ Јани Макрадули најави дека граѓаните ќе може да ги плаќаат своите сметки во пошта од март идната година. Негова главна цел, како што потенцира, е стабилизирање на компанијата и елиминирање на непотребните трошоци. Тој најави повеќе инвестиции во рамки на решенија кои што можат да ја подобрат финансиската ситуација, пред се процесот на дигитализација и вложување во животната средина.  Макрадули вели дека „Пошта“ ја наследил со долгови, кои не биле направени од менаџментот, туку генерално поради одлуки на претходната Влада.

– Дел од долгот на „Пошти“ е тековен, но има и долг кој што се влече од минатото, кој не зависи од менаџментот на „Пошта“ туку од одлуки на Владата. Дел, околу 2,5 милиони  било влог во акции во поштенска банка кои за жал не стигнале во рамки на „Пошта“. Опростувањето на долговите во два наврати од страна на претходната влада на компании кои што должеле кон „Пошта“, станува збор за седум милиони евра кои „Пошта“ не ги добила. Значи со некои мерки други, оправдување барам за тие средства, вели Макрадули.

Тој потенцира дека работењето на „Пошта“ во јануари и февруари годинава било стабилно, но пандемијата со коронавирус предизвикала намален обем на работа, па морале да добијат помош од Владата.

Финансиско стабилизирање Макрадули очекува со доаѓање на новата банка. Се очекува да се потпише договор со  „Халк банка“ до крајот на месецов, а  граѓаните како што рече Макрадули, ќе може да плаќаат во „Пошта“  најдоцна од први март, со најниска провизија.