Подобро беше во затвор, барем имав што да јадам – Славчо Блажевски од Тетово по заминување од КПУ „Идризово“ се соочил со уште посуров живот – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/20 8:59 PM

Подобро беше во затвор, барем имав што да јадам – Славчо Блажевски од Тетово по заминување од КПУ „Идризово“ се соочил со уште посуров живот

Секој може да се огреши од законот и да заврши во затвор поради некоја причина. Но, што потоа? Што кога, независно колку години ќе преседи меѓу четири ѕида, ќе излезе на слобода и треба да почне нов живот? Некој, кој има поддршка можеби и ќе се снајде, но поголемиот дел, колку и да сакаат, тешко се снаоѓаат. Не само што мора да продолжат жигосани од јавноста како „бивши затвореници“, туку и стануваат социјални случаи и едвај преживуваат.

Пример за тоа како се живее откако ќе се одслужи казната е Славчо Блажевски од Тетово, кого по  завршување на затворската казна го чекала уште една казна- живот на слобода. Славчо е бездомник, нема куќа, нема блиско семејство, гладен е за парче леб, нема доволно лекови за многу болести од кои страда. Кога бил во затвор сонувал да излезе, сега откако излегол вели:

„Подобро беше во затвор, барем имав што да јадам“.

Славчо  беше бездомник, живеше под ведро небо, спиеше по паркови, па по неколку апели беше сместен во руинирана барака во Тетово, сопственост на АД за стопанисување со станбен и деловен простор. Барака која немаше прозорци и врата која се распаѓаше. Повторно преку апели хумани граѓани му донираа нова врата и прозорци, бидејќи на студеното време немаше да издржи.

-Оваа помош во овие студени зимски денови ми ја стопли душата, но болеста и неухранетоста целосно ме снемогна. Ми требаат лекови. Навистина голема благодарност до фирмата која ми ги смени прозорците и вратата. Фала му и на Бога. Но, болеста си го прави своето. Немам пари да си купам лекови за дијабетисот, имам проблем и со бубрезите. Земам само социјална помош од околу 4.000 денари, а околу 3.500 денари трошам месечно за лекови. За што попрво. Затоа молам, кој колку може нека помогне, барам основно, храна и лекови ништо повеќе. Би работал и нешто полесно, за потешка физичка работа ме гледате дека не сум здрав. Ногата ми е се во рани поради дијабетисот. Кога би примал редовна терапија би оздравел, ама немам можност, вели Славчо за ММС.

Од АД за стопанисување за станбен и деловен простор, во чија сопственост е бараката, пред речиси два месеци ветија дека ќе изнајдат начин да ја реконструираат бараката, во која сега нема ниту вода ниту струја и во време на пандемија е невозможно тука да се одржува хигиена. Но, засега не се преземаат никакви чекори за обнова на објектот, во кој веќе и покривот прокиснува.

Славчо вели дека се обратил и до Тетовското архирејско намесништво при МПЦ да му донираат огревно дрво, но и оттаму досега нема ништо.

-Единствен спас засега гледам во соседите кои одвреме – навреме знаат да ми дадат дел од нивниот семеен ручек, но секој ден треба да се јаде. Греота е во денешно време некој да гладува, кога знаеме колку храна се фрла. А барав помош од црква, од Општина Тетово, но од локалната самоуправа ми рекоа дека ми дале во два наврати ваучери од по 1.000 денари. И како јас со 2.000 денари да живеам преку цела година. Им благодарам за тоа, но ве молам кој колку може да помогне. Ќе работам ако треба, ќе метам, ќе чистам колку ми служи здравјето, само да се прехранам и да имам пари да купам лекови, вели Блажевски.

Славчо ваков живот живее веќе три години, откако  излезе од затворот во Идризово.

-Додека бев во затвор барем за храна и топла соба не се грижев. А имав и лекови да си го крепам здравјето, додава тој.

Социјалните служби Славчо го сместиле и во Установа за згрижување на бездомни лица во Чичино Село, каде како што вели Славчо,  доживувал тортура од неговите цимери. Со дел од нив бил и цимер додека ја отслужувал казната во Идризово. Поради тоа завршил во болница откако со нож некој го избодел во грб. Потоа пак се вратил во својот роден крај од каде од неговите сограѓани и институции бара парче леб и лекови за да може некако да ја преживее зимата.

Зоран Димовски