Калкулантски, резервирано и со цел да се одбрани резултатот од првиот дуел во Бразил, шампионот на Аргентина излезе на „Ла Бомбоњера“ во возвратот од 1/8 финалето на Копа Либертадорес против Интернасионал.
Mигел Анхел Русо како да се исплаши од полетниот бразилски состав и од првата минута на натпреварот фокусот го стави врз дефанзивата и евентуалниот простор за полуконтри и контри. Интернасионал загуби на домашен терен минатата недела со 0:1 и за нивни стандардни одигра релативно слаб меч, но една недела подоцна Бразилците беа сосема друг тим на терен.
Според очекувањата, делителот на правдата повторно се најде во центарот на вниманието. Стартот на играчот од средината, Моизес, по консултацијата со ВАР системот во втората минута беше санкциониран само со жолт картон, иако намерата на фудбалерот на Интернасионал беше повеќе од јасна и заслужуваше картон со друга боја. Воведните минути на двобојот изобилуваа со вообичаена фудбалска агресија и безброј прекршоци. И во тие околности Интернасионал напаѓаше, креираше шанси пред голот на Андрада и само среќата во 18-тата минута го спаси аргентинскиот репрезентативен чувар на мрежата по шутот на Маркос Гиљерме што заврши во пречката.
Обрачот се стегаше пред шеснаесетникот на домаќините и по центаршутот од левата страна на почетокот од вториот дел левиот бек на Бока, Франк Фабра, ја смести топката во својот гол. Автоголот на Фабра ја анулираше предноста која им ја донесе Карлос Тевез во првата средба. Продолженијата на овогодинешното издание на Копа Либертадорес се исклучени и текот на натпреварот се движеше во правец на изведување удари од белата точка.
Однесувањето на фудбалерите на двата тима во продолжението од дуелот укажуваше дека двата симболи на јужноамериканскиот фудбал со мислите се во пенал рулетот. Претходно Карлос Тевез со одличен удар го тестираше голманот на Интернасионал, Марсело Ломба, но за жал ударот под пречката беше осуетен од искусниот Бразилец.
Драма пред драмата претставуваше и фаулот со отворена копачка на младиот Агустин Обандо кој влезе во игра во 60-тата минута и пред пенал-рулетот доби црвен картон од судијата РобертоТобар Варгас, по прегледувањето на снимката.
Бока застана на белата точка прва. Карлос Тевез како најсигурен изведувач во редовите на сино-жолтите шутираше силно во средината, но голманот на гостите „се закопа“ во место и го процени шутот на Аргентинецот. Сепак топката заврши позади неговиот грб и Бока ја отвори серијата со 1:0.
https://www.youtube.com/watch?v=Oibhm1CB8Hk
Десниот бек на Интернасионал, кој со сигурност се издвои како еден од подобрите поединци на мечот, Родинеи, шутираше перфектно од 11 метри и го изедначи резултатот. Вториот на списокот на Русо, Едвин Кардона, не успеа да го совлада Ломба. Кога се чинеше дека гостите ќе дојдат и до можеби заслужено финале, во третата серија шутот на Родриго заврши над голот и Бока Јуниорс ја амортизираше штетата направена од Кардона.
Шестата серија во пенал-рулетот за Леонардо Хара се покажа како среќна и притисокот сега се префрли во редовите на гостите. Осумнаесетгодишниот Пегло, кој влезе во игра непосредно пред финишот на регуларните 90 минути, исплашен од предизвикот ја шутна топката над голот како и неговиот соиграч Родриго и ја испрати Бока во 1/4 финалето на Копа Либертадорес против аргентински Расинг.
Фото:
en24.news
argentina.as.com